Рудникот„ Саса“ и Општина Македонска Каменица се подготвуваат за прославата на Денот на рударите и празникот на градот – 28 август, Голема Богородица.
Во рамките на одбележувањето на празникот се организира и традиционалното „Каменичко културно лето“, во рамки на кое од 25 до 28 август на сцената на отворено на градскиот плоштад, концерти ќе одржат македонски и балкански ѕвезди.
Како што истакна на прес-конференција градоначалникот Дарко Митевски, Општината е подготвено да пречека десетици илјади гости.
– Со концертите во рамките на „Каменичкото културно лето“ започнуваме на 25 август кога ќе имаме настапи на фолклорни друштва од градот и од Македонија, како и гости од македонската естрада. На 26-ти август ќе гостува балканската група „Црвена јабука“, а доолнително ќе информираме за настапот на ѕвезди од македонската естрада, потоа на 27 август концерт ќе одржи балканската ѕвезда Владо Ѓеоргиев, а на 28 август на барање на младата публика од регионот и од Македонска Каменица, свој концерт ќе одржи Саша Ковачевиќ. На сите овие вечери ќе имаме и пејачи од македонската естрада за кои допонително ќе информираме, истакна Митевски.
Тој додаде дека по повод празникот на рударите, РОЦ Саса ќе ги додели традиционалните награди на рударите, а општината празникот ќе го одбележи со промоција на успешно завршените проекти.
– Ние се надеваме дека и овој пат достојно ќе го одбележиме празникот, а ја користам оваа прилика да ги поканам граѓаните од Источна Македонија, но и од цела Македонија да дојдат во Македонска Каменица и да бидат дел од празнувањето на празникот на рударите, рече Митевски.
Организацијата на „Каменичкото културно лето“ е на КИЦ „Романса“, а генерални покровители се Општина М. Каменица и РОЦ „Саса“. За Каменичкото културно лето се одвоени над 2 милиони денари.