Изложба „Замислувајќи го Балканот- идентитети и сеќавања од долгиот 19 век“

Од:

„Замислувајќи го Балканот- идентитети и сеќавања од долгиот 19–ти век“ е меѓународната патувачка изложба што синоќа беше отворена во објектот Чифте амам во Старата скопска чаршија.

Според министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, на оваа значајна изложба која ја раскажува приказната за градењето и за развитокот на модерните нации во Југоисточна Европа, посетителите на непосреден и автентичен начин ќе можат да се запознаат со балканската историја, со културата, религијата и со богатото културно наследство на овој простор, кое е универзално и препознатливо во меѓународен контекст.

– Замислувајќи го Балканот е изложба која несомнено ги демантира негативните стереотипи за Балканот и ги антиципира вредностите кои не издвојуваат но, и не обединуваат во балканскиот и во европскиот културен простор. Таа  е искрен придонес на балканските земји во одбележувањето на нашето славно минато и на нашата заедничка историја, рече на отворањето на изложбата Канческа-Милевска.

Музејската поставка која е резултат на соработката на националните историски музеи од 12 балкански земји содржи  11 тематски содржини како „Животот во Стариот свет“, „Патувања и комуникации“, „Создавање и ширење на знаењето“, „Јавни манифестации“, „Мапирање“, и други тематски целини кои случувањата од националните истории ги позиционираат во еден глобален контекст.  Секоја држава е претставена со 12 музејски предмети преку кои посетителите можат да видат како изгледа  стереоскопот со 25 колор фотографии на Петар Петровиќ Његош и неговото семејство, грчкиот чибук, кутијата за бурмут на д-р Франце Прешерн, челичната круна на романскиот крал Карол Први, портретот на Вук Караџиќ,  Германско-илирскиот речник и други експонати.

Македонија во рамки на поставката презентира вредни артефакти како сребрена табакера и сет за кафе од 19 век, бератот за трговија со западните земји на охридското семејство Робевци, кратката славјанска граматика  од Партениј Зографски, тријазичникот на Ѓорѓија Пулески, копија од иконата  со Седмочислениците  на Дичо Зограф на која се претставени Кирил и Методиј со своите  ученици, фотографија од  Гоце Делчев со знамето на Крушевската чета и прогласувањето на Крушевската република, оригиналниот галички свадбен  бајрак и краткометражни  филмови на браќата Манаки.

Сите овие експонати, според министерката за култура, се потврда за цивилизациската присутност на балканските земјии  и за заедничките заложби, културата и културното наследство да се промовираат како трајни и универзални вредности.

Координатор на проектот од Македонија е Даниела Николова од Музејот на Македонија.Поставката досега беше презентирана во Љубљана, Белград и Букурешт, ќе биде претставена и пред посетителите во останатите земји-учеснички во проектот: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Германија, Грција, Кипар, и Црна Гора.

Изложбата е во организација на УНЕСКО и нивната канцеларија БРЕСЦЕ во Венеција.

Би можело да ве интересира

Отворање на изложбата „Денис Боувен“ во МКЦ по повод Светскиот ден на уметноста

Предраг Петровиќ

Во Музеј галерија Кавадарци изложба на дела од ликовниот уметник Новица Трајковски

Во Струмица изложба „10 до 12“ на Костадин Батев

Се отвора изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“

Во Кавадарци отворена изложбата на скулптури „За послушноста”

Изложба на академскиот сликар Валентина Поцеска во “Галерија Метаноја“