Во клубот „Ку Ла“ во Скопје, вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Зелен клик“, на група уметници – пријатели на единственото улично списание кај нас, како и авторите на наградените творби од повикот „Лице в лице со животната средина“.
Изложените дела се на тема животна средина, а ќе бидат презентирани фотографии, постери, илустрации и накит од отпад од следниве автори:
Тхе Мичо, Наташа Гелева, Драги Неделчевски,Томислав Георгиев, Роберт Атанасовски, Огнен Теофиловски, Виктор Поповски, Зоран Инадески, Георги Равански, Mei Ro (Сандра Јовановска и Маја Стојковска), Горан Ристовски, Филип Неделковски, Петар Видоевски, Бојана Алексиевска и Славица Панова.
На настанот ќе бидат доделени награди за три најдобри дела од повикот „Лице в лице со животната средина“. Првата награда е велосипед, која ќе ја додели националниот партнер на ENV.net за Македонија, организацијата „4x4x4 Балкански мостови“. Авторите на второ и третонаграденото дело ќе добијат вредносни награди кои ги обезбеди „Ikona Bookstores“.
– На настанот, ќе го промовираме и новиот, 11. број на уличното списание „Лице в лице“, кој во фокус ја има животната средина и кој има цел да ги поттикне граѓаните да придонесуваат за зелени идеи, за зачувување и грижа за природата. Во изданието ги поместивме и пријавите од граѓаните од повикот „Пријави што ти пречи“,за кои побаравме одговори кај надлежните институции.
Овој број на „Лице в лице“ ја донесува и првата насловница со познати личности, драги пријатели на уличното списание: Ана Јовковска, Верица Андреевска – Спасовиќ, Биљана Гинова, Јована Тозија, Ненад Тонкин и Костадин Шурбановски, кои ја раскажуваат својата приказна за движењето со велосипед низ градот, како и текст за велосипедската револуција која се случува преку иницијативите #НаТочак низ земјава.
Објавуваме и инспиративни приказни за режисерката и авторка Билјана Гарванлиева, за солидарноста која создава нов живот во Глобочица, за херојот на контракултурата, карикатуристот Ралф Стедман, текст за свесноста за здрава храна, која е закана за бизнисот со инстант храна. Во делот со едукацијата, прашуваме „Има ли доволно столчиња во државната администрација?“, додека пермакултуристот од Холандија, Јан Зијлстра пишува во рубриката „блог на странец“ за изобилието од квалитетна земја која кај нас останува непосеана, велат од редакцијата на магазинот „Лице в лице“.
А.Б.