По повод 84 години од објавувањето на стихозбирката „Бели мугри“ од Коста Солев Рацин во медијатеката на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес поставена е изложба на примероци од оваа најпозната стихозбирка од македонски автор. Изложбата е отворена до понеделник, информираат од библиотеката.
Стихозбирката „Бели мугри“ е отпечатена на 25 ноември во 1939 година во печатницата на Драгутин Шпулер во градот Самобор во Хрватска во четири илјади примероци. Потоа била дистрибуирана по цела тогашна Југославија и во Пиринска Македонија, постигнувајќи голем успех.
„Бели мугри“ од Кочо Рацин е составена од 12 песни, од кои два се циклуси (со по шест и седум песни) напишани на велешки дијалект со примеси од западномакедонските говори, во кои доминираат социјалните и револуционерните теми.
Некои од најпознатите песни на Рацин од оваа стихозбирка се „Ленка“, „Денови“, „Тутуноберачите“, „Копачите“,„Татунчо“ и други. Основците и средношколците од земјава овие стихови од „Бели мугри“ по предметот македонски јазик и литература со години наназад и се уште ги учат на памет и стиховите се длабоко врежани во меморијата и чувствата на многу македонски генерации, посебно на велешани.
Стихозбирката „Бели мугри“ е најпреведувана стихозбирка од македонски автор. Преведена е на сите светски и многу јазици во светот.