Изложба на „Варг е Ви“ – уметничка група од Косово

Од:

Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, вечер, во 20 часот, ќе биде отворена изложба на уметничката група Варг е Ви од Косово насловена „Посттранзициска релевантност: комбинација од неколку партии на вечери, (Еден поглед кон косовската современа уметност).

„Варг е Ви“ (Јетон Муја, Авни Шкодра, Дин Азизи, Авни Рудаку, Артан Хајрулаху, Куштрим Зеќири и Бесим Бафтиу) е мултимедијална уметничка група од Гнилане, Косово, составена од седуммина уметници, што се изразуваат во различни уметнички дисциплини, т.е. визуелни уметници, перформативни уметници, музичари, писатели.

Според организаторот, ваквиот широк дијапазон на креативна експресија е предност за целата група и за содржината на нивните презентирања бидејќи станува збор за интелектуална анимација на повеќето сетила и чувства. Актуелното секојдневие ги засега и овие автори и тие го вклучуваат тоа и во своите инсталации, глуми, перформанси, музика, поезија.

– „Варг е Ви“ е една од можните опции – платформа за следење на развојот на концептуалната уметност во посттранзициско Косово и нивните дела во себе ги вклучуваат сите реминисценции од транзицијата во политичка, културна, идентификувачка смисла. Вториот дел од насловот на проектот Посттранзициска релевантност: комбинација од неколку партии на вечери е резултат на синонимот на различноста, мултимедијалноста, контекстуалноста и секако во себе ја содржи двосмислената манипулативна порака „нешто се крчка“ или „ќе ни зготват нешто“, кованици што се користат и при детерминација на политички потези, се наведува за изложбата.

Слично како Македонија, и Косово се уште го минува периодот на транизиција, продолжена, развлечена и непродуктивна. Општата стагнација го поставува обичниот човек на едно беспаќе, на раскрсница меѓу старото и новото, првото одамна изминато чии реминисценции се чувствуваат во психата, традицијата, верувањата, трагите од војната и поделбите, и новото, модерното и современото кон кое стремат, а кое во голема мера е толку блиско, а всушност недостижно и далечно. Овој аспект, како и општото социјално-општествено и политичко егзистирање вршат големо влијание врз развојот на уметноста и врз концепциско-дискурзивните јазици со кои се изразуваат творците.

– Со презентирањето на оваа изложба на групата „Варг е ви“, се обидуваме да дадеме еден ракурс во развитокот на младата современа косовска уметност која, за жал, иако се создава во непосредна близина, сепак е многу малку позната кај нас. Ваквиот приказ дава многубројни можности за споредување на развојните патеки на уметноста во двете соседни земји, а отвора и нови платформи за соработки и нови спознанија, наведуваат од Националната галерија на Македонија.

Би можело да ве интересира

Клупска изложба на фотографии „Мајски салон 2024“ во Центарот за култура во Куманово

Во Штип Фестивал на уметноста „Ликовна визија“

Отворање на изложбата „Денис Боувен“ во МКЦ по повод Светскиот ден на уметноста

Предраг Петровиќ

Во Музеј галерија Кавадарци изложба на дела од ликовниот уметник Новица Трајковски

Во Струмица изложба „10 до 12“ на Костадин Батев

Се отвора изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“