Изложба на уметниците Солак и Масети во Истанбул

Од:

Во македонскиот културен центар во Истанбул е отворена изложбата „Раскажани приказни” на дела од македонската уметница Љубица Мешкова-Солак, изработени заедно со Мирјана Крстева-Масети.

Изложбата е сублимат на 10 разни приказни „напишани“ од авторките и нивните гостинки, кои се креативни и инспиративни жени.

– Идејата за да се споиме и на ваков начин и да ја склопиме поставката некако спонтано се наметна читајќи текстови од Јунг и неговите анализи и психоанализи, како и неговите карактеристики на жените со архетипови од античките божици како Хера, Деметра, Хестиа итн. и разработувајќи го моментот на самоанализа, изјави Солак.

Формати кои наликуваат на папки и книги со попарт – портрети на секоја од раскажувачките и апстрактни цртежи од Мирјана Крстева-Масети со текстови од секоја раскажувачка посебно, се делата претставени пред љубителите на ликовната уметност во Истанбул.

– Многу лично и многу искрено секоја од раскажувачките имаше можност без какво било ограничување да каже што сака, што мисли и да остави порака, некако спонтано не договорени оставивме пораки, кои се надевам се силни и ќе поттикнат, ќе мотивираат и ќе допрат до некој, вели Солак.

Делата на Солак и Масети ќе бидат поставени и на главната улица Таксим во Истанбул, во метро станиците, на плоштадите и јавните простори.

Љубица Мешкова-Солак, која дипломирала графика со конверзација и реставрација на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, најголем дел од својот богат авторски опус го остварува во Битола, каде живее и твори. Таа одржала бројни самостојни изложби низ земјава, но и во Берлин и Париз, а во соработка со британскиот моден бренд „Хакет“ изложувала и во Дубаи, Катар, Кувајт и Бахреин. Солак остварила и студиски патувања во Атина, Фиренца, Букурешт, Ерусалим, Љубљана и Париз, а учествувала и на бројни групни изложби во Бугарија, Романија, Србија, Шпанија, Грција, Австрија.

Љубица Солак е добитник на значајни ликовни награди, меѓу кои признанието за ликовно остварување „Борислав Траиковски“ во 2008 година наградата на ДЛУМ, „Драгутин Аврамовски-Гуте“ во 2013 година.

Би можело да ве интересира

Отворање на изложбата „Денис Боувен“ во МКЦ по повод Светскиот ден на уметноста

Предраг Петровиќ

Во Музеј галерија Кавадарци изложба на дела од ликовниот уметник Новица Трајковски

Во Струмица изложба „10 до 12“ на Костадин Батев

Се отвора изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“

Во Кавадарци отворена изложбата на скулптури „За послушноста”

Изложба на академскиот сликар Валентина Поцеска во “Галерија Метаноја“