Изложба на сценографии од Живојин Трајановиќ

Од:

Националната галерија на Македонија вечер во објектот Мала станица во рамки на „Скопско лето“ ќе отвори изложба на сценографии од академскиот сликар и сценограф Живојин Трајановиќ, со која ќе бидат одбележани 40 години од неговото професионално творештво.

Изложбата ќе опфати идејни решенија за голем број претстави, презентирани во вид на скици. Концепциски е поделена на драмски, балетски, а најголем акцент е даден на оперскиот дел, бидејќи речиси целиот работен век Трајановиќ го поминал како сценограф во Македонската опера и балет.

Изложбата ќе презентира и реализации на музички ТВ-емисии, концерти и повеќегодишни сценографски решенија за Струшките вечери на поезијата. Скиците се изработени во различни техники: молив, темпера и компјутерска обработка.

Живојин Трајановиќ (Табановце, 1948) студирал музеологија во Белград, а дипломирал сценографија на Художествената академија за применета уметност во Софија (1976). Во неговиот опус се стотина сценографски проекти за различни видови сцени и медиуми. Во МОБ работи од 1978 кога му било доверено да направи сценографија за операта „Бал под маски“ на Верди. Решението било оценето како извонреден успех и тој бил повикан да работи во таа институција.

– Сценографијата е значајна компонента во процесот на создавање на една театарска претстава. Таа е нејзин интегрален дел, а формално и првиот контакт со публиката. Сценографијата е прва која сугерира и навестува што ќе се случува на сцената. Таа на универзален начин ги отстранува сите јазични бариери… Сценографијата и костимографијата треба да бидат посебни гранки на ликовната уметност и нивната примена во театарот да се вреднува и третира како и другите вредности во една театарска претстава, вели авторот по повод ретроспективата на неговото четиридецениско творештво.

Би можело да ве интересира

Отворање на изложбата „Денис Боувен“ во МКЦ по повод Светскиот ден на уметноста

Предраг Петровиќ

Во Музеј галерија Кавадарци изложба на дела од ликовниот уметник Новица Трајковски

Во Струмица изложба „10 до 12“ на Костадин Батев

Се отвора изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“

Почина актерот Мустафа Јашар

Во Кавадарци отворена изложбата на скулптури „За послушноста”