Изложба на сатирични слики и промоција на книга во Галерија „Остен“

Од:

Изложба на слики со сатирична содржина, изработени во интересна и ретка техника – масло на стакло, создадени во 1980-тите години од авторот Мице Јанкуловски, денеска е отворена во Галеријата „Остен“.

Паралелно во Галеријата „Остен“ денеска е промовирана и првата книга од публикацијата „Визуелните уметности во Македонија – 20 век“, која се осврнува на сликарство, скулптура, графика. Таа е преглед на современата уметност во Македонија, претставена во монографски формат.

Извршната директорка на „Остен“ Корнелија Конеска рече дека денешната изложба и промоција се особено значајни затоа што 2015 година е 70 години од постоењето на „Остен“, кој е формиран 1945 година.

Автори на текстовите во публикацијата се Соња Абаџиева и Емил Алексиев, додека во неа се застапени 50 автори, кои што, како што рече Конеска, се најрепрезентативни за македонската уметност во овој период.

– Особено сме горди на оваа публикација бидејќи еден преглед во ваков формат на современата уметност во Македонија досега не е направен. Публикацијата топло ја препорачувам на сите оние кои што се интересираат за уметноста за да можат да ги осознаат процесите, контекстот во кој што авторите твореле и да имаат еден квалитетен преглед на македонската современа уметност во 20-ти век, истакна Конеска.

Авторот и директор на галеријата „Остен“ Мице Јанкуловски рече дека ова се сатирични слики на стакло работени во периодот 1980-1990 година, кога интензивно се бавел со карикатура, но и интензивно работел со сликарство на стакло.

– Сликањето на стакло е една ретка техника и работејќи претходно со анимиран филм, можеби прозрачноста на фолијата ме натера голем дел од графичките карикатури да ги претворам во сатирични слики на стакло. Еден таков избор се овие 30-тина работи овде изложени, во кои доминира апстрактниот објект, фројдовски позиции во однос на сексот и црната страна на секојдневниот живот, рече Јанкуловски.

Мице Јанкуловски (Сливово, 1954) се занимава со сликарство, карикатура и анимиран филм и ја негува специфичната техника на сликање на стакло. Има реализирано 40 самостојни изложби во Македонија и низ светот и е добитник на 12 домашни и меѓународни награди и признанија.

Амбасадорот на „Остен“ и претставник на Меѓународната фондација за музика и уметност Николас Тав книгата „Визуелните уметности во Македонија – 20 век“ ја оцени како значајна, провокативна и убава, нагласувајќи дека таа во голем дел се совпаѓа со мисијата на фондацијата дека после се наша најголема оставнина за идните генерации е уметноста.

Публикацијата „Визуелните уметности во Македонија – 20 век“ е испечатена во 500 примероци и може да се купи во галеријата „Остен“.

Би можело да ве интересира

Отворање на изложбата „Денис Боувен“ во МКЦ по повод Светскиот ден на уметноста

Предраг Петровиќ

Во Музеј галерија Кавадарци изложба на дела од ликовниот уметник Новица Трајковски

Во Струмица изложба „10 до 12“ на Костадин Батев

Се отвора изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“

Во Кавадарци отворена изложбата на скулптури „За послушноста”

Изложба на академскиот сликар Валентина Поцеска во “Галерија Метаноја“