Музејот на цртежи и графики на македонската галерија „Остен“ вечер првпат ќе гостува во Галеријата на уметничката критика во палатата „Адриа“ во центарот на Прага, каде што ќе претстави над 150 уметнички дела од својата колекција, јави дописникот на МИА од чешката метропола.
Скопскиот музеј со 68-годишна традиција, на изложбата ќе претстави и дела на наградени автори од 2009-2012 година од Светската галерија на цртеж.
– Со големо задоволство учествувам во организацијата на изложбата на „Остен“, Светската галерија на цртеж во Скопје, која првпат е претставена во Чешка и се надевам дека ќе ги поттикнеме младите чешки уметници со свои дела да учествуваат во иднина, изјави чешката кураторка Власта Чихакова-Ноширо на прес-конференција.
Чихакова-Ноширо, заедно со кураторите од Македонија, Корнелија Конеска и Мице Јанкуловски, во Галеријата на уметничката критика во палатата „Адриа“ во центарот на Прага, овозможија претставување на четирисетина дела на наградени автори од меѓународното Биенале на цртежи и карикатури, кое се одржува во Скопје.
Во збирката, која е создавана постепено од експонати на Биеналето на цртежи и карикатури кое наизменично се одржува секоја година во Скопје, со свои дела учествуваат и чешки уметници.
– Цртежите се еден вид посебна визуелна уметност, која не е едноставна и лесна и која овозможува симболично изразување, рече чешката кураторка, додавајќи дека ја радува што оваа манифестација не прави ограничувања и секој може да учествува со графика, акварел или друга техника.
Таа рече дека е „љубител“ на хартијата која во новото време на дигитализацијата му дава ширина и разновидност на уметничкото изразување.
– Целта и суштината на „Остен“ е да се промовира уметноста на хартија во модерното технолошко време. Тоа е трајна вредност која треба да се промовира и да не се заборава линијата и цртежот, додаде Корнелија Конеска, извршeн директор на „Остен“.