Најдобрите 100 карикатури од Меѓународниот конкурс во Крива Паланка на тема „Мажот како колатерална штета во односот снаа – свекрва“ денеска беа изложени пред кривопаланечката јавност.
– На карикатурите се претставени вечниот антагонизам помеѓу снаите и свекрвите и мажот како медијатор или најпогоден од оваа релација, низ призмата на врвни светски карикатуристи преточени во бестекстуална карикатура. Меѓународниот конкурс ја промовира Крива Паланка на сите континенти, изјави Стојанче Величковски, автор на конкурсот.
Додаде дека со етаблирање на конкурсот во светски рамки се промовираат селото Конопница, општина Крива Панланка и Македонија
– Конкурсот е уникатен и привлекува реномирани карикатуристи од сите меридијани, поради што годинава тој е дел од националната програма за култура. Изложбата ќе биде отворена до 21 март, а претставува најава за годинашното „Невестинско поклонение“ во црквата „Свети Теодор Тирон“ во село Конопница, манифестација со чиешто обновување направивме своевиден културен брен на општината, рече градоначалникот Арсенчо Алексовски.
Покровител на конкурсот и „Невестинското поклонение“ е Оптшина Крива Паланка со поддршка од Минсиетрството за култура.
Прва награда освои Дарко Дрљевиќ од Црна Гора, кој добива 250 долари и трофеј-маскота „Невестулка“, втора награда Макхмудјон Ешонкулов од Узбекистан кој добива 200 долари, а третото место со награда од 150 долари му припадна на Андреј Попов од Русија. Плакета за најдобра колекција освои Владимир Казаневски од Украина.
Годинашното „Невестинско поклонение“ ќе се одржи на 20 март со почеток во 13 часот. Своето учество можат се уште да го пријават сите млади невести кои стапиле во брак помеѓу две Тодорови саботи, а се верува дека поклонението пред светецот носи благосостојба и пород во семејствата на учесниците.