Во галеријата „Остен“ денеска напладне ќе биде отворена изложба на дела на пет познати светски уметници кои се носители на наградата Светско културно наследство.
Наградата се доделува на Остен Биеналето на цртеж на починати уметници кои значајно придонеле за уметноста во светски рамки. Досегашни добитници на оваа награда се Виктор Вазарели (2009), Пабло Пикасо (2010), Димитар Аврамовски Пандилов (2012), Хуан Миро (2014) и Салвадор Дали (2016).
– Ги покануваме љубителите на уметноста да ја искористат оваа навистина ретка можност да уживаат во ремек-делата на велемајстори кои ги обележаа некои од највпечатливите трендови во уметноста, како и во проекција на документарец од архивите на унгарската национална телевизија (со превод на македонски) посветен на животот и дејноста на Виктор Вазарели – таткото на оп артот, соопшти „Остен“ за изложбата која ќе може да се посети до 8 март 2017.