Изложба на цртежи и копии-фрески на Владимир Деловски – Џиџи

По повод Меѓународниот ден на музеите, на 18 мај 2019 година Музејот на Република Северна Македонија повторно се вклучува во одбележувањето на манифестацијата „Ноќ на музеите“. Овој значаен настан веќе по петнаесетти пат се организира на европско ниво.

Во таа пригода, во 19:30 часот ќе биде отворена изложбата на цртежи и копии-фрески на Владимир Деловски – Џиџи, насловена „Тивкиот Маестро“. На изложбата се поставени цртежи од среден формат, копии на фрески во гипс, како и копии на фрески на платно од голем формат, главниот елемент на ликовната ориентација на уметникот.

Владимир Деловски – Џиџи (Битола 1955), ликовен уметник и копист, по долга и плодна животна кариера, за прв пат се претставува со самостојна изложба во Музејот на Република Северна Македонија, каде го поминува целиот свој професионален век. Изложени се цртежи од среден формат, копии на фрески во гипс, како и копии на фрески на платно од голем формат, главниот елемент на неговата ликовна ориентација. Ученик на великаните на македонската уметност Родољуб Анастасов и Димитар Кондовски, како и копистите од првата генерација Ганчо Бошковски и Никола Цонев, Џиџи (како што сите и секаде го знаат) развива личен ликовен израз во презентацијата на сакралните мотиви од византиската и македонската православна традиција, кои се широко познати, давајќи им свој препознатлив печат. Цртежите на хартија со ликови на светители – Богородица, св. Никола, св. Ѓорѓи и др., се со едноставен и цврст потег, со јасна и истовремено суптилна фигурција на физиономиите – тоа се ликови кои на гледачот му се обраќаат со убеденост и топлина, како еманација на духовното, она што е суштината на создавањето и постоењето на средновековната ликовна порака.

Копиите на фрески на платно, она по што Џиџи е познат и признат во професионалните кругови, се најсилниот израз на неговото мајсторство. Со извонреден сенс за колоритот на старите мајстори, тој беспрекорно ги пренесува на платното приказите од црковните фреско-живописи, овозможувајќи и на пошироката публика во земјата и надвор од неа да ужива во автентична презентација на македонското културно наследство. Уметникот авторски се реализира и со изработка на дел од фреско-живописот во Соборниот храм св. Климент Охридски во Скопје, како сите фрески во крстилницата на црквата св. Кирил и Методиј во с. Стајковци, Скопско.

На крај, не смее да се изостави незаменливата улога на Џиџи како технички соработник во многу ликовни, археолошки и етнолошки изложби, кои Музејот на Македонија ги има приредено во повеќе европски земји и кои само со неговата стручност и искуство успеале да го постигнат полниот сјај.

Оваа изложба доаѓа како круна на еден творечки век, континуитет и кулминација на долга и макотрпна работа, финале на животното дело на Џиџи – тивкиот Маестро. Координатор на изложбата е Нада Андоновска, а автор на текстот за диплијанот е Андреј Ежов.

По повод Меѓународниот ден на музеите 18-ти Мај, музејот ќе биде отворен од 9:00 до 23:00 часот. Влезот е бесплатен.

Би можело да ве интересира

Самостојна изложба „Магијата на цветовите“ на Tасим Кадрија во Софија

Ана Ололовска

Самостојна изложба со иконографскa резба на Мирче Аврамоски

Ана Ололовска

Изложба на ДЛУМ „Цртеж-Експериментален цртеж“

Ана Ололовска

Изложба на скулптури од Андреј Миневски во Кратово

Ана Ололовска

Меѓународна изложба „Уметност, меѓународна група и пријатели“ во Прилеп

Ана Ололовска

Изложба на академскиот сликар Милко Нестороски

Ана Ололовска