Изложба „Магичен круг“ на Маја Анастасова Хрис

Од:

Во Уметничката галерија „Безистен“ во Штип, вечер во 19 часот ќе биде отворена самостојна изложба „Магичен круг“ на уметницата Маја Анастасова Хрис.

Постановката ја сочинуваат 50 дела од најновиот творечки циклус на авторката, работени во различни техники – акварел, пастел, молив, молив во боја, акрилик и монотипија.

Зоран Читкушев, директор на Н.У. Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Штип, за делата од изложбата „Магичен круг“ вели секој кружен облик е потенцијален магичен симбол, а магиската примена на кругот е позната уште одамна.

– Кругот е асоцијација за целосност, севкупност, совршенство, непроменливост, без почеток и крај. Кругот го симболизира космичкото небо. Темата на магичниот круг во истоимената изложба, Маја ја интерпретира преку застапеноста на формата на кругот како композициски елемент, со унифицирани формати на делата. Тргнувајќи од моќта и совршеноста на овој симбол како почетен елемент, делата од оваа изложба се изградени во креативен сплет од нежни приказни на граница меѓу сонот и јавето. Во магичните кругови на Маја се отсликани необични светови во кои се претставени контемплативни женски фигури и актови, вели Читкушев.

Во делата на уметницата, додава тој, претставена е жената во моменти на размислување и спокојство, во амбиент кој некогаш се наоѓа надвор, а некогаш внатре. Во дел од овие претстави се насетува присуството на градот Амстердам со неговата специфична архитектура, додека во други се наѕираат делови од пејзажи, балкони, крајбрежја… Честопати се појавуваат и птиците кои летаат, како симбол за слободата, светоста и духовниот живот.

Според Читкушев, во своите дела Маја ја прикажува поврзаноста на традиционалниот и новиот експериментален пристап во создавањето на делата, што креира нови квалитети во нејзиниот уметнички израз. Карактеристика на делата е колоритот преземен од природата – сината како небото и водата, како и сите земјени тонови.

Маја Анастасова Хрис е родена 1983 година. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2006 година, а во 2009 година завршила постдипломски студии на истиот Факултет, на графичкиот оддел. Учествувала на неколку ликовни колонии и на бројни интернационални групни изложби. Ова е нејзина осма самостојна изложба. Живее и работи во Амстердам, Холандија.

Би можело да ве интересира

Отворање на изложбата „Денис Боувен“ во МКЦ по повод Светскиот ден на уметноста

Предраг Петровиќ

Во Музеј галерија Кавадарци изложба на дела од ликовниот уметник Новица Трајковски

Во Струмица изложба „10 до 12“ на Костадин Батев

Се отвора изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“

Во Кавадарци отворена изложбата на скулптури „За послушноста”

Изложба на академскиот сликар Валентина Поцеска во “Галерија Метаноја“