(Интервју) Горјан Тозија: Милионските хонорари не се гаранција за успех на филмот

Од:

Во негово време Агенцијата за филм доби најмногу признанија, а филмовите многу награди, но се крена прашина и за исплата на филмаџиите за време на кризата со Ковид-19. Ги поддржува младите автори и се спротивставува на авторите кои бараат мегаломански буџети. За стратегијата што ја воведе во филмот, за мотивот на нападите кон него и иднината на кинематографијата, разговаравме со Горјан Тозија, продуцент, поранешен директор на Агенцијата за филм, член на Европски продуцентски клуб и Европската филмска академија.

На што се должи овој, како што го нарекувате, нов филмски бран и меѓународен пробив на врвните филмски фестивали?

„Во една пригода го прашаа Вим Вендерс каде политички треба да оди филмот, дали лево или десно? Тој им одговори дека филмот не треба да оди ни лево ни десно, туку само право и напред со 24 слики во секунда. Водејќи се по оваа дефиниција во мојот мандат, успеавме за краток период да го направиме нашиот филм видлив, да го извадиме од сенката на непрепознатливост во која живееше долго време. Стотици награди за бројни наслови, врвни фестивали. Стана наградувана и почитувана кинематографија која веќе во континуитет е во селекција на фестивали од рангот на еден „Санденс“. Ваквата кинематографија сега има своја физиономија, критериумите се јасни и враќање назад во некои темни времиња нема. Во овој историски исчекор учествуваа многу филмски работници, сите оние пред и зад камерата од мнозински или малцински продукции, од кои пребројуваме награди секој ден. Сакам да им се заблагодарам за вложениот труд и макотрпна креативна енергија со која испишаа нови страници во нашата кинематографија и ја извадија на светлото на денот, ја направија најголем амбасадор на културата. Знам дека не секогаш имаа доволно средства за до крај да го реализираат замисленото и беа на удар на суетите на оние кои со децении  ги трошат буџетите на стара слава без никакви резултати“, вели Тозија.

Тој објаснува дека основна задача на Агенцијата за филм е да го препознае потенцијалот на проектите.

„Не е едноставно кога на конкурсите годишно се јавуваат близу 200 проекти, а имате можност за финансирање на дваесетина. Низ овој сложен и одговорен процес се вклучени повеќе инстанци. Согласно Законот за филмска дејност, најпрво проектите одат на евалуација, па потоа се разгледуваат од Филмскиот совет и од Управиот одбор за конечно да се дојде до одлука за финансирање. Потоа Агенцијата, учествува и во наoѓање партнери, копродукции па потоа се грижи и за промоција“, вели тој.
Тозија вели дека не било лесно да се спротивстави на повеќегодишната пракса на Агенцијата, која, како што вели тој, работела без стратегија и со сомнителни поддршки на проекти.

„Фрапантно беше да се види дека се е дадена поддршка на повеќе од 300 проекти, од кои максимум десетина значеа нешто за нашата кинематографија и ги виде публиката надвор од границите. Се спротивставив и на најштетниот договор направен во историјата на нашата кинематографија, договор со хрватскиот продуцент Винко Грубишиќ кому од буџетот на РСМ му биле ветени, договорени 4, 6 милиони евра. Првиот 1,2 милион се одллеал за епизоди од серијата „Македонија“ од која до денес не е снимена ниту една епизода. За овој случај истрага спроведе и финансиката полиција со кривични пријави за инволвираните во овој скандал. Зачудувачки е што до денес Основното јавно обвинителство не го расветли случајот. Секако, свесен бев дека овие одлуки ќе ми донесат многу опасни непријатели и ќе се провлекува тоа до денес, но сатисфакцијата да го видам нашиот филм рамо до рамо со шампионите, селекции на сите престижни фестивали, како Санденс, Кан, Берлин, Венеција, Гоа и многу други, е поголема од ударите што се обидоа да ми ги нанесат“, вели Тозија.

Тој вината за погрешните одлуки на Агенцијата во минатото ја наоѓа во политичкото влијание во минатото.

„Со оваа дистанца сега, гледам дека навистина извојувавме голема битка за да го ослободиме филмот од вакви влијанија. Тоа што го затекнав беше катастрофална состoјба, филмот бил политички инструиран, се форсирале автори кои освен тоа што немаат никаков меѓународен успех, се фаворизирале содржини и сценарија кои се штетни, најпрво во естетска смисла, а потоа и во смисла на пласирање ретроградни теми кои долго го држеа македонскиот филм во локална игра, филм, кон не беше атрактивен ниту за домашната публика а уште помалку за публиката надвор од границите. Агенцијата за филм е сервис на авторите, на филмските работници. Затоа дел од новата стратегија беше да се воспостави креативна соработка и со еснафот на филмаџиите. Ова Друштво на филмски работници, кое годинава бележи 70 години постоење, е овластено да номинира наши кандидати на Оскар, го препозна ‘Медена земја’ во историската двојна номинација. Тие конечно добија и своја канцеларија, можност да се грижат за своите професионалци. Секогаш и секаде, повторувам, политиката мора да ги крене рацете од културата, а од филмот особено“, вели тој.

Според Тозија, низ историја на филмот е познато дека многу наслови кои не биле реализирани со високи буџети станале антологиски, а од друга страна, пак, мегаломански филмови немале никаков успех.

„Зачудувачки, но ваков парадокс има и кај нас, дури и во земја која располага со релативно малку средства за поддршка на филмот. Режисерите кои уживаат статус на национални уметници и кои си дозволуваат немилосрдно да бараат и мега буџети, за сметка на тоа да не се даде шанса на другите, страшно ѝ штетат на кинематографијата. Уште повеќе што како што покажа времето, тие имаат занемарлив успех наспроти оние нивни млади колеги кои грабат напред. Тоа се манипулатори кои се повикуваат на стара слава и уживајќи според нив некаков авторитет, ги злоупотребуваат и ги замајуваат сите околу нив, за да извлекуваат максимално високи буџети. Затоа што на крајот на денот стои дека за да се направи филм потребно е знаење, автентичен уметнички израз и цела армија ангажирани луѓе кои да, чинат и треба да се платат, но не е нужно поврзано со исходот на истиот“, вели Тозија.

За време на првите месеци од пандемијата во јавноста излегоа написи каде што се спомнуваше дека сте го прекршиле Законот со доисплата на филмови, дека минималната поддршка кон филмските работници во услови на Ковид-19 е исто така спорна. Реакции имаше и од страна на ДКСК и Транспаренси интернешнал, за што точно станува збор?

„Прво, овие написи се објавуваа селективно во неколку поларизирани медиуми. Во едниот од нив обид за компромитација и притисок врз мојата работа има константно, па нема да ме зачуди дека доаѓа од битките за кои зборувам погоре. Во другиот медиум, кој до тогаш за мене имаше кредибилитет, симптоматично е тоа што исто така се инсистираше да се извртат аргументите и да се дезинформира јавноста во однос на некаков мој криминал. И овој мотив ми е јасен, точно да се надоврзам на тоа што го зборувам за скапо платените автори кои се подготвени на манипулација и злоупотреба на личните контакти. Не сум изненаден, но сепак не разбирам како наши институции задолжени за тоа да откриваат корупција се истрчаа да тврдат нешто без притоа да имаат доволно аргументи. Мојот најголем грев, за кој зборуваа и т.н „кривичните пријави“, се однесуваа на тоа дека филмските работници беа исплатени за завршени проекти со минимални суми во време на пандемија. Тоа што го направи цел свет го направи и Македонија, да покаже солидарност и грижа за филмскиот работник, според сите важечки закони. Филмските работници се фриленсери, луѓе кои работат на проекти, не се секогаш ни здравствено осигурани, а овие проекти веќе беа сработени. Не знам како на овие подметнати аларми за корупција толку силно и неаргументирано се произнесоа институциите кои ги спомнувате“, одговара Тозија.

Во однос на транспаретноста на работењето, Тозија вели дека веднаш се заложил Агенцијата да ја воведе праксата да се објавува сублимат на сите потрошени средства во тек на една година во публикацијата „Факти и бројки“, која почна редовно да се објавува.

„Филмовите што ги поддржа Агенцијата постигнаа голем успех, и со гордост можам да кажам дека секој денар од даночните обврзници е искориостен максимално економично и се исплатува долгорочно во градење на силна културолошка слика за државата преку филмот како нејзин најголем амбасадор. Во прилог на тоа што институцијата е деполитизирана и транспарентна е и соработката со филмскиот еснаф. ДФРМ основаше и ревијална манифестација каде што на увид на публиката секоја година е ставена севкупната продукција во една календарска година. Граѓаните на оваа манифестација „Златна рамка“ бесплатно можат да ги видат филмовите, критиката да се произнесе за нив. Ова сето е голем исчекор, наспроти затвореноста која се негуваше со години и под чија сенка можеше да се провлекува сè и сешто“, вели Тозија.

Сметате ли дека ќе продолжи континуитетот на успехот на филмот, дали се искоренети некои штетни влијанија и што може да биде најголема закана и сопка за натамошен развој на филмската индустрија?

„Тоа што и натаму го доживувам како закана за нашиот филм и длабоко ме вознемирува се личности кои твдокорно сакаат и натаму да се негува култот кон авторот, оној непобедливиот за кого местото е вечно резервирано, а парите секогаш обезбедени. Некој што страда  од синдромот „Le film c’est moi“, заслепен од државните милиони. Во евра. Еден од нив е најскапо платениот уметник во Македонија, човекот кому никогаш не му е доста, Милчо Манчевски, кој за волја на вистината на Македонија ѝ донесе една номинација за Оскар во далечната 1994 година и оттогаш наваму е заинтересиран само за огромни буџети кои влегуваат во неговите филмови од новиот милениум за кои постои јавна дилема со каков квалитет се, и ни од далеку не се приближија на успехот на првиот филм. Во Агенцијата има многу документи, договори за проектите на Манчевски, кои отвараат сомнежи за тоа како остава фирми во долгови, како префрлува пари, па можеби институциите на системот ќе треба да се позанимаваат со ова. Оваа држава направила многу за него, национален уметник е со доживотна плата, финансирани му се неколку филмови кои чинеа милиони, додуша и реклами… Но, дали државата треба да е обврзана секој филм на овој режисер да го финансира со многукратни буџети, доколку препознае дека квалитетот што се нуди повеќе не ги задоволува потребните критериуми? Доста е! Да направиме место за новиот бран филмаџии, има многу талентирани автори на кои мора да им се даде шанса“, вели Тозија.

Дали сметате дека Манчевски е во право кога вели дека државата и во „Пред дождот“ не вложила доволно средства и на еден начин тој самиот е заслужен за овој успех?

„ Ова тврдење најблаго кажано е безобразно. Тој е толку заслепен од рефлекторите на церемонијата за Оскар во далечната 1994 година што мисли дека е легитимно и по 27 години, во секое време да го извади режисерското столче пред кого ќе посака и сите ќе паднат на колена. Баш сите, политичари, администрација, а јавноста со полна доверба ќе ги земе предвид сите негови тврдења. И користејќи го ‘столчето’ веќе две години се обидува да прави притисок, го валка мојот четиридецениски професионален минат труд посветен на филмската продукција. Тој троши огромна енергија и посветува време на интриги и бесцелно се обидува да ме претстави како корумпиран функционер, без никакви аргументи. Сите постапки што ги иницираше го докажаа спротивното. Ајде пак за „Пред дождот“, филмот за кој вели дека Македонија малку или воопшто не инвестирала. По третата недела од снимањето продуцентите презедоа активности да го заменат со друг режисер, за да се заврши филмот. Го заштитив, лично донесов пари и поради тоа ‘остана во игра’. И секако, некоја година подоцна, Холивуд сосема го исфрли поради скандалозно однесување, па приказните за ‘голем уметник за кого сите плачат да го имаат, а на кого Македонија му е вечно должна’ не поминуваат. Во ниту една негова фалба не спомна дека оваа држава вложи во тој филм колку што беше побарано и дополнителни средства за доснимување. Ова подоцна стана негова пракса, со константни притисоци да извлекува огромни хонорари, да ги изигрува продуцентите и да се претставува како жртва. Што да се каже за моралот на човек кој замислете лично поднел барање во институциите да се испита помошта исплатена за неговите колеги во време на Ковид-19. Кој режисер можете да го замислите прво да се занимава со такво прашање, а второ кога веќе се занимава, да не биде на страната на солидарноста и колегијалноста. Да, тој сними филм кој донесе афирмација на државата, но ве молам, зарем тоа треба да значи дека државата треба до крај само него  да го остави на пиедестал како доживотен маршал на македонскиот филм? Апсолутно сум против таквите идеи кои овој режисер упорно ги протажира“, вели Тозија.

За да имаме увид во филмскиот свет на буџетирање, можете ли да направите споредба на висината на хонорарите на нашите најдобро платени автори со некој од европските сценаристи, режисери?

„Можам да укажам на една мала споредба, екстремно високите хонорари на Манчевски се поголеми од хонорарите на еден режисер како Ларс фон Трир. Може ли оваа европска големина на автор како Трир да се спореди со него, а буџетот на Данска со нашиот? Од оваа сиромашна земја во која грчевито се бориме да опстане филмската продукција и во која направивме ѕвезден скок со нови режисери тој и натаму се обидува да ја измами и јавноста и институциите дека неговиот збор е поголем од зборот на сите, дека е поголем папа од папата“, вели тој.

Тозија порачува да им се дава шанса на младите креативни автори во филмот, да има повеќе родова рамноправност. Вели дека се заложил да се направи коридор кон жени режисерки, продуцентки и воопшто уметници кои размислуваат широко и светски.

„Македонскиот филм треба да биде успешен и светски, треба да се заштити од немилосрдни аждаи, од сите коишто гледаат интереси од пред носот, без идеја и визија. Потребна е магија, но исто така многу принципиелност, визија, професионалност и пред сè неизмерна љубов кон филмот“, заклучува Тозија.

Би можело да ве интересира

Македонски филмови во мајската програма на Кинотека со фокус на творештвото на Столе Попов

Предраг Петровиќ

Venom 3 доби официјално име и датум на излегување

Предраг Петровиќ

Се снима краткиот игран филм „И покрај сè“

Филмот „Dune: The Second Part“ заработи над 200 милиони долари за само три дена

Уапсен маж осомничен за неовластена дистрибуција на филмот „Недела“

Бен Афлек го откри најлошиот филм во кариерата