Фолк-фест Валандово на 24-ти и 25 мај, ќе се натпреваруваат 19 песни

Од:

На 24-ти и 25 мај ќе се одржува 33-тиот фестивал на народна музика Фолк-фест Валандово кој по две години одржување наесен повторно се враќа во пролетен термин.

Првата вечер ќе биде ревијална и ќе им биде укажана чест на тројца автори кои се најизведувани на валандовскиот фестивал – Григор Копров, Миле Барбаровски и Љупчо Трајковски-Фис. Тие ќе бидат претставени со по четири нивни композиции. Втората вечер е натпреварувачка и ќе бидат изведени 19 песни. Ќе настапи оркестар со едуцирани музичари од ФМУ, кои сега се членови на оркестрите во МОБ и Филхармонија.

Претседателот на Уметничкиот совет на фестивалот Живоин Глишиќ на прес-конференција рече дека пристигнале над 90 композиции и дека за краток период Советот ги избрал 19-те што ќе учествуваат.

– Уметничкиот совет избра 19 композиции. Аранжерите ги направија аранжманите. Во завршна фаза е снимањето на материјалот и сме задоволни од она што досега е подготвено. Очекуваме, за разлика од лани, пред фестивалот да биде издаден и компакт-диск од фестивалот, рече Глишиќ.

Новини има во начинот на гласање, така што во одлуката за наградите со 60 проценти ќе учествува жирито, а 40 отсто публиката. Овојпат се враќа и учеството на публиката во наградување на композициите. Износите на наградите се драстично намалени од претходно зашто, како што рече Глишиќ, тие треба да бидат и оптимални и почит кон авторите. Првата награда ќе биде 1.500 евра, втората 1.000 евра и третата 750 евра. Жирито ќе има седум члена, а се исфрла телевоутингот како начин на гласање. Во периодот на гласање мал концерт ќе има босанската фолк-пејачка Ханка Палдум со нејзиниот оркестар.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски рече дека оваа манифестација во нејзините најдобри времиња презентирала песни кои потоа станале толку популарни што многумина веќе не ги доживуваат како авторски, туку како народни песни. Рече дека сакаат да го вратат тој квалитет на фестивалот и дека ќе имаат спротивен пристап од тоа што на фестивалите се случувало изминатите неколку години.

– Се плаќаа по 20.000 или 10.000 евра за прво место, суми што предизвикаа многу клиентелизам, коруптивно однесување, во некои случаи јавноста со денови се занимаваше и со наводи за обиди за измама на гласања на телевоутинг и слично. Спротивно на тоа, ние ќе се фокусираме на подигање на целокупниот квалитет на манифестацијата, вреднување на нашите истакнати автори кои одлично соработуваат со врвните изведувачи, и негување на оние белези на нашата народна музика, по која сме препознатливи во целиот свет, истакна Алаѓозовски.

Цветанка Ласкова, која неколкупати има учествувано на овој фестивал, во својство на советник за култура на премиерот Зоран Заев, рече дека сакаат да претстават фестивал во ново руво од кој ќе произлезат песни што ќе се слушаат во иднина.

– Мојата заложба отсекогаш била вистинските вредности во културата да си го заземат своето место. Тоа е заложба и на оваа Влада. Емотивно сум врзана со Фолк-фест Валандово и многу добро ги знам чувствата на учесниците и на публиката. Сакаме да им го вратиме тоа чувство на граѓаните зашто и ден-денес си ги потпевнуваме рефрените од „Бисер балкански“, „Една песна“ – композиции кои останаа да живеат. Се надевам дека и од овој фестивал ќе останат рефрени што ќе ги пеат идните генерации, рече Ласкова.

Би можело да ве интересира

Во Корча ќе се одржи промоција на македонски национални носии од Преспа

Од 16 награди на светскиот фестивал во Јесоло -6 за Скопското училиште Кузман

Предраг Петровиќ

Нов детски фолклорен фестивал во Битола

Ана Ололовска

Фестивалот и натпревар „Инструментите на моите предци“

Ана Ололовска

КУД „Кирил Пејчиновиќ“ – Теарце со Новогодишен концерт ги завршува годинашните настапи

Ана Ололовска

Онлајн промоција на првата музичка фолк сликовница за деца „Слушам кај шумат шумите“

Ана Ололовска