Со изложба на постери и филмот „Мими“ на Даријан Пејовски вечерва се отвора 21. Меѓународен фестивал на европски филм „Синедејс“.
Репертоарот на стартот на „Синедејс“ започнува со отворање на изложбата на плакати во 19:30 часот во МКЦ именувана „Филмскиот плакат како визуелна гозба и информативна нарација“.
Куратор на изложбата е Влатко Галевски, кој вели „Колекцијата на плакати која фестивалот ја става на увид е на свој начин приказна за раѓањето на ‘Синедејс’ во МКЦ.
Факт е дека во 70-тите и 80-тите овде се промовира филмската уметност со сериозна фреквентност, а плакатот е комплексен печатен тизер кој ги содржи повеќето битни визуелни, па и наративни компоненти на филмската приказна.
Со оваа изложба се потврдува блискоисториската вредност на некогашниот филмски репертоар на МКЦ.