Шестото издание на Фестивалот за електронска музика и медиумска уметност де:сонанц, почнува вечер во 20 часот, во Кинотека на Македонија со прикажување на најдобрите музички видеа од Германија за 2014 година.
Покрај видеата, публиката ќе има можност да проследи селекција од 13 популарни, експериментални, политички и субверзивни, но пред сè забавни видеа од изминатите 15 години, кои се издвојуваат наспроти едноличноста на стандардните музички видеа направени за телевизиски потреби.
Музичката програма на фестивалот, исто така, ќе започне вечерва на полноќ во клубот Капан Ан со програмата „BTKRSH Night“, која се реализира во соработка со колективот BTKRSH (БИТКРЕШ), еден од најактивните и најиновативните електронски музички колективи во земјава. Со свој сет ќе се претстави германскиот артист Opium Hum (Опиум Хам), следат Ancient Methods (Еншнт Методс), Марчин и Андреас Херц од BTKRSH и виџејското дуо од Скопје Lazy Kidz Visualz (Лејзи Кидс Вижуалс) кое ќе се погрижи за визуелниот израз на настапите.
На 23 октомври во Отвореното графичко студио при Музејот на град Скопје сите фанови на Берлинската музичка сцена ќе имаат единствена можност да ја проследат панел-дискусијата во која учество ќе земе еден од нејзините најактивни и најпрогресивни членови Михаил Штангл алијас Опиум Хам. Тој е иницијатор на резидент вечерите во Berghain – “N≠E” (“Not Equal”), ко-организатор на забавите Leisure System (Лежр систем), еден од најзаслужните за основањето на Boiler Room Берлин, како и ко-куратор на фестивалот CTM (Клуб Трансмедиале). Тој ќе ги сподели своите искуства со локалните артисти, колективи и фанови и ќе се осврне на електронската музика што потекнува од Берлинската сцена.
Главната и последна фестивалска вечер ќе се одржи на 25 октомври во клубот Станица 26, каде покрај настапите на локалните артисти Томи Бојаџи и Ултериор посетителите ќе имаат можност да го проследат концертот на еден од најактуелните и најпопуларни бендови од Германија, триото “Бранд Брауер Фрик“ кое ја фасцинира публиката во светот со уникатниот звук добиен со симбиоза на класични инструменти и електроника.
Влезот во Кинотека на Македонија и Отворено графичко студио е слободен. Билетите за “Капан Ан“ чинат 300 денари, а за “Станица 26“ 200 денари и може да се набават пред почетокот на најавената програма на самиот влез во клубовите.
Фестивалот го организираат Гете-институт Канцеларија за врски, Скопје и НВО Домино, а новина е приклучувањето на колективот BTKRSH кон фестивалскиот тим.