Во Уметничката галерија во Куманово вечер, со почеток во 19.30 часот, ќе биде отворена етнолошката изложба „Традиција проткаена во торбите“ од кустосот етнолог од Кумановскиот музеј Валентина Илиевска.
Кумановци ќе имаат можност да разгледаат 50-тина волнени торби од збирката ткаеници и народни носии, кои се изработени пред седумдесетина години во селата од Кумановско и Кратовско.
– Со право може да се рече дека нема современо откритие кое не е инспирирано од духот на минатото. Изложбата ја прикажува врската меѓу традиционалните вредности и современата култура, изјави кустосот Илиевска.
Дел од волнените торби кои вечерва ќе бидат презентирани пред јавноста се носеле и користеле за секојдневна употреба, за храна, собирање плодови, тревки. Тие обично се помалку декоративни за разлика од торбите кои се носеле за свечености, свадби, крштевки, изведување ритуали кои се декорирани со геометриски и флорални мотиви, обоени со една или повеќе бои. Волнените торби ја прикажуваат и умешноста на жените во минатото.
Изложбата ќе биде отворена наредните две недели.