Две премиерни претстави и гостувања во САД и Мексико на битолскиот театар

Од:

НУ Народен театар-Битола подготвува две театарски премиери, а во средината на идниот месец ќе настапи во САД и Мексико, најави директорот на оваа национална установа Валентин Светозарев.

Во подготовката на премиерните претстави вклучен е комплетниот ансамбл, но и гости, кои до крајот на месецов ќе ја одиграат претставата „Смртта на трговскиот патник“ од Артур Милер во режија на Љупчо Ѓоргиевски, а неколку денови подоцна и претставата „Есенин“ во режија на Благојче Божиновски.

– Претставата „Смртта на трговскиот патник“ на сцената на битолскиот театар за прв пат беше поставена во 1965 година, а насловниот лик во претставата го играше нашиот покоен бард Ацо Стефановски. Овој пат главната улога ќе ја толкува Борис Чоревски кој е во најзрелата актерска возраст и за чии квалитети не треба многу да се зборува. Паралелно ја подготвуваме претставата „Есенин“ која ја посветуваме на големиот руски поет и интелектуалец Сергеј Александрович Есенин, роден на денешен ден, 3 октомври пред 118 години. Во оваа претстава ќе има поезија, музика, документаристички акценти и секако театар. Главните улоги во претставата „Есенин“ ќе ги толкуваат гостинот актер Влатко Илиевски, попознат во јавноста од музичко-естрадниот живот и Габриела Петрушевска, истакна директорот Светозарев.

НУ Народен театар-Битола во средината на идниот месец ќе настапи на театарската сцена во Санта Барбара, САД и на фестивалот „Светски театар“ што се одржува во Пуебло, Мексико.

– На 12 ноември ќе отпатуваме во САД и на 17 ноември во Санта Барбара ќе ја одиграме претставата „Хенри Шести“, а на препорака на „Глоб театар“ на 21 и на 22 ноември оваа претстава ќе ја одиграме и во Пуебло. На фестивалот „Светски театар“ во Мексико ќе учествуваат 10 театри од светот, а ние ќе бидеме единствен претставник од Југоисточна Европа. Уверени сме дека на ова прво учество во Мексико достоинствено ќе бидеме репрезенти на Република Македонија, посочи Светозарев.

Меѓународната активност на актерите од НУ Народен театар-Битола беше потврдена и со податокот дека во моментов актерот Огнен Дранговски престојува во Лондон каде заедно до 19 актери од светот подготвуваат компилациска претстава посветена на Шекспир, а актерите Петар Мирчевски и Ратка Радмановиќ учествуваат во филм што го подготвува Емир Костурица.

Би можело да ве интересира

61. Драмски аматерски фестивал на Македонија ќе се одржи од 20 до 26 мај во Кочани

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ

Премиера на „Петар Пан“ во Струга, средствата од влезниците хуманитарно за Бојан

Ана Ололовска