ДВД со филмски опус и книга за 55 години творештво на Љубиша Георгиевски

Од:

ДВД издание со дигитализираниот филмски опус и книгата „Театарски магии – Мнемопис“ со текстови на доајенот на македонската филмска и театарска уметност Љубиша Георгиевски беа промовирани денеска во Кинотеката на Македонија по повод 55 години негово творештво и 77 години од неговото раѓање.

Комплетот од пет ДВД-ја ги содржи долгометражните филмови „Под исто небо“ (1964), „Планината на гневот“ (1968), „Републиката во пламен“ (1969) и „Цената на градот“ (1970), краткометражните „Не“ (1966) и „Патека“ (1967) и документарниот филм „Nic Tramsit Gloria Mundi“/ Хераклеа“ (1974).

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во обраќањето пред присутните рече дека со својата раскошна биографија и со повеќезначаен влог во македонската понова историја, овој режисер, писател, педагог и политичар е уникатна појава, профил на интелектуалец кој постави лични и професионални стандарди во нашето општествено живеење.

– Во изминатите 55 години Георгиевски, со својата професионална кариера, но и со останатите активности од голем формат, го градеше достоинството на македонската култура и ултимативно ја афирмираше својата држава Република Македонија крстосувајќи ги светските меридијани, рече Канческа-Милевска.

Посочи дека на творечкиот пат на Љубиша Георгиевски се забележани преку 160 театарски претстави,  дваесетина филмови и телевизиски драми, бројни пиеси кои се изведувани на домашните и странските театарски сцени, богата публицистичка дејност и голем број активности во доменот на културата, но и другите општествени сфери.

– Георгиевски е автор со неверојатна имагинација и инвентивност, бескрајно љубопитен и длабокоумен раскажувач. Дигитализираниот опус на режисерот Георгиевски и книгата „Театарски магии“ ќе бидат извонредна можност младите генерации, но и вљубениците во македонската уметност да се запознаат со маркантното творештво на овој автор, но и со личните доживувања на овој голем уметник кој ја збогати македонската кинематографија и уметност, рече Канческа-Милевска.

Додаде дека процесот на дигитализација и дигитална реставрација на националното аудиовизуелно наследство во Република Македонија е еден од приоритетите на Владата и Министерството за култура и досега успеале дигитално да го реставрираат филмското наследство кое има непроценливо значење за државата, опусот на браќата Манаки, ја завршиле дигиталната реставрација на филмот „Македонија во слики, 1923“ на Арсениј Јовков, а е промовирана и луксузна колекција со пет ДВД-изданија на која се претставени дигитално реставрирани четири играни и три документарни филмови на еминентниот режисер Столе Попов.

Директорката на Кинотеката на Македонија, Мими Ѓоргоска-Илиевска рече дека проектот на дигитализација и дигитална реставрација на целокупниот филмски опус на Љубиша Георгиевски и соодветното ДВД издание е есенцијален прилог на Кинотеката кон јубилејот на овој еминентен автор, театарски и филмски режисер кој е дел од првите ешалони на нивната национална филмска продукција.

Таа посочи дека во тек е дигитализацијата на филмските остварувања на Милчо Манчевски.

ДВД-јата со филмови на Георгиевски ги промовираше Илинденка Петрушева, филмолог и филмски критичар, додека за книгата на Георгиевски говореше Јелена Лужина, театролог и приредувач на ова книжевно издание на „Макавеј.“

– Ако знаете дека една претстава има технолошка постапка низ која мора да помине, таа трае 45 проби, тогаш Љубиша Георгиевски од своите 77 години помина на проби во театарот, во разни театри 7.380 дена односно 22,2 години што е цел еден живот“, рече Лужина.

Љубиша Георгиевски се заблагодари на публиката која ги гледала неговите претстави, на актерите, неговите студенти и на неговото семејство.

– Едно сакам како аманет да ви оставам на сите: Ако понекогаш блескав, тоа беше само затоа што горев. Не може да се блеска ако не се гори, додаде Георгиевски.

Би можело да ве интересира

Македонски филмови во мајската програма на Кинотека со фокус на творештвото на Столе Попов

Предраг Петровиќ

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

Venom 3 доби официјално име и датум на излегување

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Се снима краткиот игран филм „И покрај сè“