На платото пред Куршумли-ан (Музеј на Македонија), исполнето до последно место со донесени дополнителни столици за седење, на 22 август се одржа премиерната проекција на македонскиот документарен филм „Планински кавијар“ на авторот Јордан Дуков во продукција на Телевизија Телма.
Документарниот филм „Планински кавијар“ (Blueberry Hill, 63 мин., 2017, Македонија) ја раскажува приказната за гевгеличанецот Миле, кој не сака да најде постојана работа во градот и некој ’шеф‘ постојано да му ’виси‘ над главата, туку одлучил секое лето, на надморска висина од над 2.000 метри на југот на Македонија, да собира боровинки, или како што таму ги нарекуваат „планински кавијар“. Така, неговата канцеларија го има најубавиот поглед во светот, а тој успева со два месеци работа во планината доволно да заработи за пристоен живот.
„Никој не те тера да работиш, но ако сакаш да заработиш, тогаш самиот си свесен дека треба да работиш“, вели главниот лик Миле во филмот.
Авторот Јордан Дуков имал две главни цели во снимањето на документарниот филм. Првата е да го прикаже собирачот на боровинки Миле таков – каков што е, и втората – да го прикаже аскетскиот живот на собирачите на боровинки високо во планината. Идејата за снимање на филмот тлеела повеќе години, а со главниот протагонист се знаеле долго време. Филмот е снимен како телевизиска продукција. Снимател е Јане Марковски, а монтажата е на Снежана Младеновска – Анѓелков. По проекцијата на филмот, публиката на „МакеДокс“ имаше можност да дегустира боровинки собрани од главниот протагонист Миле.
Во рамките на програмата на осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ од 21 до 25 август во Даут-пашиниот амам се одвива работилницата за визуелна нарација „Една слика, илјада зборови“. Првите два дена работилницата ја водеше продуцентката Кристина Первила Андерсон, додека на 23, 24 и 25 август работата со учесниците на работилницата ја презеде Туе Стин Милер, светски експерт за документарен филм.
Меѓу поканетите филмски работници и документаристи, на 22 август со Кристина Первила Андерсон разговараше снимателот Бранд Ферро, кој ги претстави своите искуства од работата на филмовите „Бабички на револуцијата“ на режисерката Петра Селишкар, „Оган и вода“ на Киро Урдин, како и серијалот „Турски чај“.
На предавањето со Туе Стин Милер на 23 август беа поканети филмаџиите Одриус Стонус и Саломе Јаши. На 24 август гости на предавањето се Пјотр Стасик и Мирослав Јанек, додека на 25 август на предавањето со Кристина Первила Андерсон и Туе Стин Милер ќе учествуваат повеќе фестивалски гости.
На разговорите „Под смоква“ секојдневно се менуваат учесниците како што тече филмската програма. Најчесто се зборува за инспирацијата за снимање документарен филм, начинот на буџетирање во документарната продукција, но и за непосредната комуникација меѓу авторите и протагонистите во филмовите.
Интересна забелешка во однос на стекнувањето доверба меѓу авторот на филмот и протагонистот даде гостинот од Литванија, Одриус Стонус, кој на муабетот „Под смоква“ рече:
„Ако протагонистот ми дозволи да го снимам додека спие, тогаш знам дека има доверба во тоа што го правам. Но, ако не ми дозволи да го снимам додека спие, тогаш знам дека ќе има уште неколку ’не‘ во процесот на снимањето на филмот“, сфатил Стонус.
Од Одриус Стонус на „МакеДокс“, во рамките на главната програма, беше прикажан документарниот филм „Жената и глечерот“, за литванската научничка Аушра Ревутаите, која пред 30 години заминала на планинскиот масив Тијан Шијан во Казахстан и никогаш не се вратила. Таа и ден-денес е единственот чувар на зафрлената советска глациолошка станица Тујуксу на 3.500 метри надморска височина, каде што посветено работи на климатските истражувања.
Во разговорите „Под смоква“ до крајот на фестивалот ќе учествуваат Владимир Блажевски, Мирослав Јанек, Талал Дерки, Ања Медвед, Антон Калеја, Кристина Первила Андерсон, Туе Стин Милер, Роберто Блат, Катарзина Гондек, Пјотр Стасик, Илона Бицевска, Јулија Станишевска и други фестивалски гости.
Во однос на концертните настапи брановите на бескрајното време добиваат своја единствена форма кога се одбиваат од камените ѕидови на Куршумли-ан. И веројатно тоа е едно од малкуте места кое може да ги обликува и воедначи различните треперења на тешко скротливите „Тони Китановски трио“ (кое настапи на 22 август), грациозноста на Брина (настапува на 23 август), езгијата на Оркестар Чалгии Ориент Бенд (на 24 август) и секогаш проникливата, слатко – горка „Баклава“ (на затворањето на фестивалот на 25 август).
Од своето формирање во 2003 година до денес, „Брина“ успеа да го најде своето место на светската музичка мапа. Овој словенечки бенд се проби со реаранжирање и осовременување на словенечките народни песни, а низ годините прерасна во ансамбл со свој специфичен израз. Од словенски балади до бучни кафеански и танго-песни, печат им дава мекиот нежен глас на Брина Вогелник. Минатата година „Брина“ го издаде третиот албум „Соблечена кожа“, 12 години по првите два „Кучешка легенда“ и „Младо лето“.
Од преработки на традиционална и светска музика до неповторливи авторски песни, преку мешавина од различни јазици и музички стилови, „Балкава“ веќе 12 години ја препознаваме по нејзиниот минималистички музички концепт. Чиниш, сите културни разлики во уметноста се сплотуваат во звуците на дефот, виолончелото и тамбурата и уникатниот глас на Елена Христова. Како да тоа не е доволно, па среде Куршумли-ан ќе „заиграат“ и визуелни материјали и едно кратко авторско филмче.
Во рамките на „МакеДокс“ на 23 август, во црквата „Св. Спас“ (Сала на музејска поставка на Гоце Делчев) во Скопје, се одржа презентација на потпрограмите Култура и МЕДИА на „Креативна Европа“. Учесници на презентацијата беа Павлина Каландрова од Канцеларија на Креативна Европа (МЕДИА) на Република Чешка; Владимир Стојчевски и Билјана Прентоска од Канцелариите на „Креативна Европа“ (МЕДИА и Култура) на Република Македонија; и претставници на фестивалот „МакеДокс“. Фестивалот „МакеДокс“ втора година по ред добива поддршка од потпрограмата МЕДИА на „Креативна Европа“.
Осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, МЕДИА – потпрограма на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон и Град Скопје.