Доделување на наградата „Виртуози“ на 2 март во МОБ

Од:

На 2 март во Македонската опера и балет ќе биде доделена првата награда „Виртуози“ што ја иницираа Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ), Македонската филхармонија и Македонската опера и балет.

Номинирани се по три уметници, ансамбли или манифестации од музичко-сценската уметност во десет категории, а за наградените ќе одлучува 11-члено стручно жири – музички и балетски уметници, педагози и теоретичари. Наградата е статуетка од авторката Виолета Коцев, која беше избрана на конкурс.

Претседателот на СОКОМ Сони Петровски денеска на прес-конференција информираше дека за категоријата „Музички организатор“ се номинирани националните установи Македонска опера и балет, Македонска филхармонија и Охридско лето.

Во категоријата „Камерен ансамбл“ номинирани се Дуо Кировски, Мјузик прогресив квартет и Трио интерарт. Во „Музички публицист“ се Аида Ислам, Марко Коловски и Васка Наумова-Томовска. Во категоријата „Млад музички уметник“ номинирани се пијанистот Дино Имери, харомоникашот Александар Коловски и виолинистката Софија Никоска.

Во категоријата „Голем ансамбл“ се Македонската опера и балет, Македонската филхармонија и Мешаниот хор „Драган Шуплевски“.

Во категоријата „Музичка манифестација“ ќе се натпреваруваат Денови на македонската музика, Охридско лето и Скопско лето. Во „Музичко-сценски уметник“ номинирани се сопраните Ана Дурловски и Весна Ѓиновска-Илкова и балерината Александра Мијалкова, а во категоријата „Композитор“ – Дарија Андовска, Фатос Лумани и Александар Пејовски.

Во „Меѓународна афирмација“ номинирани се Ана Дурловски, Благој Нацоски и Симон Трпчески, во категоријата „Музички изведувач“ – пијанистките Марија Вршкова и Ана Гацева и виолинистот Љубиша Кировски.

– Целта на наградата „Виртуози“ е да им се даде признание на уметниците, а сите други уметници да се поттикнат за креативни проекти. Целта е и да се афирмира класичната музика која има минимален простор во медиумите, рече Петровски.

Номинациите ги испратиле околу 15 институции. Во сите категории имало по петнаесетина предлози, а најмногу 25.

Влезот за манифестацијата идната сабота, кога првпат ќе биде доделена наградата „Виртуози“ во 10 категории, ќе биде бесплатен, со претходна резервација во СОКОМ.

Би можело да ве интересира

Концерт „Легендите живеат вечно“ во Македонска Филхармонија

Предраг Петровиќ

Оперската претстава „Турандот“ од Џакомо Пучини во Национална опера и балет

Предраг Петровиќ

Пријавата за напад стигнала во МНТ, полицијата апелира на смиреност, евакуирани повеќе институции

Ландов

Полицијата го блокираше центарот на Скопје, неофицијално има дојава за бомба

Ландов

Гала оперски концерт и балет „Болеро“ в петок во НОБ

Ана Ололовска

Гала оперски концерт во НОБ

Ана Ололовска