Девет пејачки групи, ансамбли и културно-уметнички друштва од Македонија ќе учествуваат на годинашното 29-то издание на фестивалот „Охридски староградски средби“, што вечерва ќе се одржува во Охрид.
Вљубениците на староградскиот мелос ќе имаат можност да ги проследат настапите на Хорот при НУ Центар за култура „Григор Прличев” од Охрид, КУД „Далги“ при Здружението на пензионерите од Охрид и Дебрца, „Октет“ од Прилеп, ВИС „Орнаменти“ од Штип, Пејачка група „Сирма Војвода“ од Битола, Пејачка група „Весела Тајфа” од Богданци, „Распеани Гевгеличани“ и Оркестарот при Фолкрорнито ансамбл „Бисери“ од Охрид.
Фестивалот „Охридски староградски средби“ е основан со цел афирмирање на вредностите на староградскиот мелос, но и зачувување на музичките посебности и песни карактеристични за градовите во Македонија, кои со децении се препејувале и на тој начин пренесувале низ генерациите.
„Охридските староградски средби“ се реализираат со финансиска поддршка на Министерството за култура. Фестивалот првпат се одржа во 1975 година и традиционално се одржуваше секоја година до 1996 година. По 11-годишен прекин манифестацијата пред девет години повторно беше обновена, меѓу другото, како обид за продолжување на културна понуда на градот за време на сезоната на негова најголема посетеност.
Отворањето на манифестацијата е од 20 часот во големата сала на Центарот за култура „Григор Прличев“, а влезот е слободен.