Деведесет учесници од 23 земји на Семинарот за македонски јазик во Охрид

Од:

Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура годинава ќе се одржува по 46-ти пат од 15-ти до 28 јуни со 90 учесници од 23 земји.

Школата ќе биде отворена в сабота во Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид, каде што на 29 јуни ќе биде одржана и 40. Меѓународна научна конференција на Семинарот.

Покрај познати македонисти кои редовно учествуваат на Школата, како Ала Шешкен од Русија, Иван Доровски од Чешка, Волф Ошлис од Германија, Маќеј Кавка, Ирена Ставова-Кавка и Јан Соколовски од Полска, Бранко Тошовиќ од Австрија… предавања, лекторски вежби и секции за македонски јазик и литература ќе посетуваат и лингвисти, преведувачи и студенти од САД, Кина и од повеќе европски земји, а првпат од Финска.

– Радува фактот што оваа година е поголем процентот на нови слушатели, покрај оние кои повеќе години доаѓаат на Школата. Тоа значи дека нашите лекторати успеваат да го зголемат интересот на странските студенти да се запишат и да студираат македонски јазик…Сите тие се наши потенцијални амбасадори, зашто си заминуваат со љубов за Македонија и ја промовираат во своите матични земји во најдобро светло. Тоа е еден начин на кој ние во пошироки размери може да ја покажеме и докажеме вистината за Македонија, рече ректорот на УКИМ Велимир Стојковски на прес-конференција.

Македонскиот јазик се изучува на 11 лекторати низ светот и во 28 центри во форма на катедра или институт. Стојковски истакна дека  е засилена грижата за нив  и го посочи  лекторатот во Киев кој лани доби дозвола за финансирање од Министерството за образование и наука. На иницијатива и на трошок на УКИМ испратен е лектор во Грац, Австрија.

–  Во последно време се повеќе се води сметка за лекторатите. Отворањето нови лекторати не е поврзано само со финансирањето, туку треба да се одработи во меѓусебни договори меѓу универзитети, избор на лектори итн. Од тие што се во функција се издвојуваат лекторатите во Риека и во Краков каде бројот на студенти веќе станува троцифрен, рече Стојковски.

Директорот на Семинарот за македонски јазик, литература и култура проф. Максим Каранфиловски додаде дека Македонија има лектори кои може да работат во нови центри, а дека треба да се изгради партнерство меѓу универзитетите. Оцени дека состојбата со македонските лекторати е подобрена од 2008 година, но дека и славистиката во светот е во криза.

 – Се кратат работните места за словенските јазици и опстојуваат само најголемите. Во една таква ситуација навистина е тешко македонскиот јазик да се пласира лесно без поголема агресивност. Тоа е комплекс од прашања… Битката за идентитетот, кој некој се обидува да ни го оспорува, многу полесно може да ја биеме ако имаме повеќе присуство на светските универзитети, каде што се креира светското јавно мнение, истакна Каранфиловски.

Организацијата годинава чини околу четири милиони денари, од кои три милиони  се на УКИМ, а еден милион од Министерство за култура.

Би можело да ве интересира

Маричиќ: Македонскиот јазик е засекогаш вграден во мозаикот на европските јазици, а ние никогаш нема да се откажеме од нашата европска иднина

Орце Костов

Донесен Законот за употреба на македонскиот јазик кој ќе го замени досегашниот стар 25 години

Костадиновска-Стојчевска: Македонскиот јазик не е и нема да биде прашање за преговори или компромиси

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска