Делото на словенечки уметници „Нов светски поредок“ изложено во Мала станица

Од:

Националната галерија објави дека добила подарок од „Нов колективизам“, група словенечки уметници односно нивното дело создадено во времето на пандемија наречено „Нов светски поредок“. Делото ќе може да се види во објектот Мала станица во Скопје.

– Националната галерија и покрај тешките услови за работа во ова време ги следи и е во тек со светските актуелни случувања во уметноста и со задоволство објавува дека е меѓу неколкуте избрани музеи и галерии кои добија подарок од „Нов колективизам“ (Novi Kolektivizam), група словенечки уметници, со светски признати референци за нивното творештво, составена од Дејан Кнез (Laibach), Миран Мохар (IRWIN), Дарко Покорн (Novi kolektivizam) и Роман Уранјек (IRWIN), соопшти Националната галерија.

Наведува дека делото е создадено на 25 март 2020 година и е дел од нивната акција и верба дека како уметници тие исто така мора да бидат хроничари на едно време, а уметноста е вистинскиот медиум за искажување на критички став.

– Дизајнот на плакатот „Нов светски поредок“ беше испратен на адресите на неколку светски музеи и галерии со кои тие соработуваат и чија работа ја почитуваат, со што повторно се потврди довербата што оваа уметничка група ја препознава во успешното работење на Националната галерија вклучувајќи ја преку проектот рамо до рамо со светски познати галерии и музеи, информира Националната галерија.

Новата аквизиција на Националната галерија е постер наречен „Нов светски поредок“ инспириран од сегашната пандемија на корона вирусот.

Постерот е создаден како одраз на тековните настани низ целиот свет, а потоа започнаа серија виртуелни изложби на постерот во повеќе светски градови (Њујорк, Москва, Рим, Париз, Пекинг, Лондон, Берлин итн.).

– Националната галерија со задоволство се приклучи на оваа акција заедно со други музеи и галерии и го изложија постерот во Скопје, а публиката веќе има можност да го види на објектот Мала станица. Со ова дело, „Новиот колективизам“ потврдува дека во рамките на култниот уметнички колектив НСК (Neue Slowenische Kunst) дизајнот бил и останува многу важен сегмент од нивниот визуелен идентитет. Нивното најпознато дело е контроверзниот постер за штафетата на Денот на младоста во 1987 година, кој ги донесе во центарот на настаните во поранешна Југославија, а со новата акција „Нов колективизам“ само ги продолжува уметничките реакции на тековните историски настани како што дејствуваат уште од 1984 година од кога се основани, наведува Националната галерија.

Би можело да ве интересира

Отворање на изложбата „Денис Боувен“ во МКЦ по повод Светскиот ден на уметноста

Предраг Петровиќ

Во Музеј галерија Кавадарци изложба на дела од ликовниот уметник Новица Трајковски

Во Струмица изложба „10 до 12“ на Костадин Батев

Се отвора изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“

Во Кавадарци отворена изложбата на скулптури „За послушноста”

Изложба на академскиот сликар Валентина Поцеска во “Галерија Метаноја“