„Деца на сонцето“ ќе почне да се снима во јуни

Од:

Во средината на јуни на Преспанското Езеро ќе почне снимањето на „Деца на сонцето“ на режисерот Антонио Митрикески, по сценарио на познатиот балкански автор Гордан Михиќ. Тоа ќе биде негов трет игран филм, по „Преку езерото“ од 1997 и „Како лош сон“ од 2003 година.

Филмот ќе се снима 36 работни дена во преспанскиот регион (Ресен, Отешево и Претор), четири дена во Битола и остатокот во Скопје и можеби на локации во Црна Гора. Копродукција е со Србија и Црна Гора, а македонски продукции се „Хоризонт филм“ и „Револушн продукција“. Во план е премиерата да биде на крајот од годинава на некој поголем фестивал.

Филмот е љубовна приказна во која главни ликови се Ангела и Марко. Нив ќе ги играат младите Кире Ѓоревски, кој дипломирал во Бугарија, и Ивана Павлаковиќ, студентка на ФДУ. Режисерот Антонио Митрикески на првата прес-конференција рече дека филмот ќе биде прототип на една македонска и балканска фамилија и ќе опфати семејни релации кои се универзални во светот.

– Филмот ќе прикаже македонска фамилија преку која сакам да направам дијагноза на општеството, пресек на сите нивни илузии, страдања, премрежиња…Се трудам да го опфатам менталитетот на македонскиот народ, да не избегам од вистината која најмногу ме интересира во овој филм и затоа во него нема измислици… Овој, трет мој филм сакав повеќе да комуницира со публиката. Затоа и ги прифаќам идеите на актерите и го менувам сценариото, рече Митрикески.

Целата екипа е избрана – Владо Јовановски, Милица Стојанова, Мето Јовановски, Ацо Дуковски, Ѓорѓи Јолевски, Данчо Четвревски, Билјана Таневска, Камка Тоциновски, Мартин Мирчевски, Сашко Коцев, а новина е што Влатко Стефановски, кој е автор на музиката за филмот, првпат ќе има и епизодна улога на филм и ќе го игра човекот со гитарата.

Владо Јовановски рече дека сценариото е исклучително добро и ги има сите преудлови „Деца на сонцето“ да биде убав филм. – Вешто, мудро, автентично сценарио, кое се приближува кон документаризам и не остава рамнодушен. Искрено, суштинско и зачинето со хумор, рече Јовановски. Актерката Милица Стојанова е задоволна од улогата и од поголемиот ангажман што го добила во овој филм.

Првата импресија од сценариото Влатко Стефановски ја преточил во засега првата снимена песна за филмот, која е насловена исто така „Деца на сонцето“. Рече дека е возбуден што по 16 години од музика за македонски филм („Џипси меџик“ на Столе Попов), овојпат и ќе се појави на филмското платно.

– Епизодната улога посебно ми годи, иако ќе играм нешто што не е многу поразлично од себе – човек што прави музика, рече Стефановски и додаде дека првата снимена песна ќе и биде дополнителен мотив на екипата за време на сетовите.

Во филмот ќе играат и три деца кои за режисерот се многу важни и не се само споредни ликови зашто децата, рече тој, се симбол на полетност.

Директор на фотографија е Јарек Шода од Полска, колега на Митрикески од филмската академија во Лоѓ, со кого соработувал и на својот претходен филм „Како лош сон“. Костимограф е Зорица Тодорова-Младеновиќ, која избрала креации и бои соодветни на прикзната.

Во копродукција можеби ќе влезат и Словенија, Хрватска и Бугарија, за што се уште има преговори. Митрикески, меѓу другото, спомна и дека е напорно за овдешните режисери да договорат копродукции поради многу административни чекори и документација и тоа, како што рече, била најголема причина што чекал десет години за снимање нов филм. х

Би можело да ве интересира

Македонски филмови во мајската програма на Кинотека со фокус на творештвото на Столе Попов

Предраг Петровиќ

Venom 3 доби официјално име и датум на излегување

Предраг Петровиќ

Се снима краткиот игран филм „И покрај сè“

Филмот „Dune: The Second Part“ заработи над 200 милиони долари за само три дена

Уапсен маж осомничен за неовластена дистрибуција на филмот „Недела“

Бен Афлек го откри најлошиот филм во кариерата