„Цензура во уметноста и науката“ е насловена трибината која денеска напладне ќе се одржи во Музеј на Македонија во рамки на настанот „Не е шега: дискриминација и цензура“ што од 1-ви до 10 април Музејот го организира во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.
– Трибината на едно место ќе собере повеќе уметници и научници кои ќе говорат за елементите на цензура што биле или сè уште се присутни во творењето, изложувањето, истражувањето, публикувањето и јавниот говор. Учесниците ќе говорат за личните видувања поврзани со цензурата во уметноста и науката и можностите за нејзино надминување, а ќе се отвори и јавна дебата во која ќе може да се вклучат сите присутни, соопшти Музејот на Македонија.
Во рамки на настанот „Не е шега: дискриминација и цензура“ отворена е и изложба „Цензура“ на студентите од Ликовната академија при УГД, а опфаќа и кинопроекција на филмот „Boys Don’t Cry“ на Кимберли Пирс, работилница за плакати и промоција на книга и концерт на студентите од Музичката академија на Штипскиот универзитет.