Центарот за култура-Битола домаќин на меѓународна работилница

Од:

НУ Центар за култура-Битола од денеска до сабота ќе биде домаќин на две јавни дискусии и работилница под наслов „Сеќавање на еден град“ и „Сенчење на градот, урбана меморија, хипертекст“ на кои ќе учествуваат истакнати уметници од Македонија и Хрватска.

На првата јавна дискусија што ќе се одржи вечер главна тема се Битола, Вагнер и Лист, а ќе учествуваат Борис Бакал, директор и основач на меѓународната креативна платформа „Фрлачи на сенки“ од Загреб, Филип Јовановски, уметнички директор на АКТО-фестивал за современа уметност, Центар за современа јавна уметност „Елементи“ на Биљана Петровска Исијанин и Љупчо Спировски Исијанин, битолскиот хроничар Александар Стерјовски и Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура – Битола.

– Работилницата ќе биде под водство на Борис Бакал, исклучителна личност, кој за својата работа е наградуван на „Битеф“-Белград и на „Месс“ во Сараево. Бакал ќе овозможи да се разменат високорелевантни искуства, а во тоа ќе помогнат и неговите соработници Петра Тежак, Барбара Бласин, Маре Шуљак од Загреб, изјави за МИА, Борче Димитровски, директор на Центарот за култура-Битола.

Дебатата и јавната дискусија насловена „Сеќавање на еден град: Битола, Вагнер и Лист“ има за цел да ги расчепка градските митови и нивниот однос кон актуелната градска култура и да иницира прашања за современото доживување на градот со посебен акцент на уметнички практики, кои се однесуваат на теми за градот и на урбаната култура и развој, информираат организаторите на претстојниот меѓународен настан во Битола.

– Со оваа активност Центарот за култура-Битола уште повеќе ќе ја зајакне својата меѓународна активност и соработка со значајни фактори што негуваат различни форми на културно изразување. Оваа можност е вистинска прилика и за промоција на идејата за создавање хибридни институции, модел што подолго време го истражуваме и кој овозможува соработка меѓу јавниот и независниот сектор во Република Македонија, истакна Димитровски.

Освен гостите од Хрватска, во Битола ќе присуствуваат и со свои излагања ќе се претстават и Јованка Попова, независен куратор, која ќе го презентира проектот „Скопје: Врвна колекција на лични сеќавања 1960-2010 вол.1“, уметникот Јане Чаловски, писателот Владимир Јанковски и уметникот Ѓорѓе Јовановиќ кој ќе го претстави проектот „На Битола со љубов“.

Би можело да ве интересира

Директор на ЈП „Пазари“ Битола склучил јавна набавка со фирма избришана од Централен регистар

А1он

Претреси во Битола, приведени двајца дилери, пронајдена дрога

А1он

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје

(ВИДЕО) Муамер Абедин, самоук музичар на повеќе од десет инструменти: Научив да свирам од велешката чалгија во која уживал и турскиот султан

Орце Костов