„Битола Шекспир фестивал“ завршува со настап на Националниот театар од Пекинг

Од:

Првото издание на интернационалниот „Битола Шекспир фестивал“ завршува со вечерашната претстава „Ричард Трети“ што ќе ја изведат актери од кинескиот Национален театар во Пекинг.

На денешната средба со новинарите во Битола, режисерот на претставата Ванг Ксиаојинг јавно се заблагодари за поканата прв пат да гостуваат во Република Македонија, и упати покана за возвратна посета на битолскиот театар во Пекинг на шестото издание на тамошниот меѓународен фестивал што ќе се одржи во октомври 2014 година.

– Националниот театар од Пекинг годишно произведува по 5-6 премиери, на репертоарот нуди 20-на различни претстави, а некои од нив се играат и по 1.000 пати. На нашиот меѓународен театарски фестивал учествувале ансамбли од многу држави во светот, но среќни сме што в година прв пат ќе ги имаме македонските актери од Битола со претставата „Хенри Шести“ со што заеднички ќе одбележиме 450 години од раѓањето на Вилијам Шекспир, рече меѓудругото Ванг Ксиаојинг, режисер и директор на Националниот театар во Пекинг.

Главната улога ликот на Ричард Трети во вечерашната претстава што ќе биде изведена во античкиот театар Хераклеја ја игра актерот Чан До Ри кој на прес конференцијата во Битола не го криеше задоволството од првиот престој во Македонија, додека пак актерката Чонг Ши нагласи дека се исполнува нејзиниот сон да воочи како се мешаат источната и западната култура со запазување на традиционалните вредности.

Со одржувањето на „Битола Шекспир фестивал“ обезбедивме уште една нова културна манифестација со светски предзнак и ако досега во овој наш свет Битола се препознаваше по фестивалот „Браќа Манаки“ отсега ќе се препознава и по „Битола Шекспир фестивал“, посочи директорот на битолскиот театар Валентин Светозарев.

– Ќе треба долго, навистина долго време да зборувам што се направивме подготвувајќи го фестивалот но тоа го направивме за нивното величество гледачите. Регистриравме максимална, 100 настотна посетеност на сите претстави, што значи селекцијата беше правилна и тоа ни дава за право да почнеме со подготовка на следното издание за да фестивалот биде традиционален, а со тоа Битола ќе добие уште еден обележје, а тоа е белегот на Шекспир, истакна Светозарев.

„Битола Шекспир фестивал“ е поддржан од Министерството за култура и е во рамките на битолскиот летен фестивал „БитФест“.

Би можело да ве интересира

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ

Премиера на „Петар Пан“ во Струга, средствата од влезниците хуманитарно за Бојан

Ана Ололовска

По повеќе од 30 години прво гостување на македонски театар на сцената на Народниот театар во Албанија

Ана Ололовска