Битола по теркот на светските џез сцени: Национален Џез Оркестар и Мартин Ѓаконовски – Шпато со изведби посветени на Реј Браун

Од:

Нивното „писмо со благодарност”, испиша бајковита нотна новела која публиката ја водеше низ сочен саунд на легендарните композиции од светската Биг Бенд традиција, со сомотни аранжмани на едни од најдобрите светски аранжери како: Џек Волрот, Тед Џоунс, Волтер Фулер, Џон Федхок, Дон Менза, Мајк Камуф итн. Главната состојка на овој добро зачинет концерт, секако беше солистичкото гостување на Мартин Ѓаконовски-Шпато, кој на контрабас беспоштедно и енергично ги везеше композициите и го распосла сето свое светско искуство, и генетско музичко наследство.

Пациото на Битолскиот Музеј, беше местото кое минатата недела (четврток, 5 септември), се преоблече во светска џез сцена како домаќин на Концертот на Националниот Џез Оркестар и Мартин Ѓаконовски Шпато насловен “Letter to Ray – Писмо до Реј (Реј Браун)”. Битолската публика не ја криеше својата еуфорија, а неретки беа коментарите дека џезерите и Шпато, за миг го оживеаа оној конзулски дух на градот, односно му дадоа рафиниран шмек, налик на Виена, Париз, Лондон. Ова концертно музичко патување кое го пренесе сензибилитетот на светските џез сцени во Битола, долго ќе се памети по исклучителната хармонија од звук која успеаа да ја создадат солистите на НЏО со контрабасистот Шпато, под водство на маестро Џијан Емин. Нивното „писмо со благодарност”, испиша бајковита нотна новела која публиката ја водеше низ сочен саунд на легендарните композиции од светската Биг Бенд традиција, со сомотни аранжмани на едни од најдобрите светски аранжери како: Џек Волрот, Тед Џоунс, Волтер Фулер, Џон Федхок, Дон Менза, Мајк Камуф итн. На композицијата од Авишаи Кохен како аранжер се појави Гордан Спасовски, кој е пијанист во Националниот Џез Оркестар.

Почеста на нашите џезери и Шпато кон еден од највиртуозните контрабасисти на сите времиња Реј Браун, еден од најпопуларните и најплодните музичари чија умешност и богат звук го сместува на на врвот на листата највлијателни џез музичари, повеќе од половина век, се покажа како полн погодок. Всушност, овој концерт го нагласи битот и суштественоста на нашиот оркестар, кој достоинствено и крајно виртуозно ја продолжува традицијата на светските Биг Бенд оркестри. Главната состојка на овој добро зачинет концерт, секако беше солистичкото гостување на Мартин Ѓаконовски-Шпато, кој на контрабас беспоштедно и енергично ги везеше композициите и го распосла сето свое светско искуство, и генетско музичко наследство.

Публиката уживаше во композициите од авторите: Оскар Петифорд, Чарлс Мингус, Тед Џоунс – едни од главните инспирации на Реј Браун; Дизи Гилеспи, Дон Менза кои се долгогодишни соработници на Реј; Еди Гомез, Кристијан МекБрајд, Авишаи Кохен кои се негови ученици, наследници и едни од водечките џез контрабасисти во светот.

Концертната приказна ја заокружија со Македонскиот “Џез Стандард” кој им е веќе добро познат на македонската публика – “ Поздрав до Оркестарот”. Оваа вечер на истата композиција имаа шанса сите членови на џез оркестарот да се појават како солисти, па диригентот Џијан Емин ја преимени композицијата во “ Поздрав од Оркестарот”. Со оваа композиција на која е автор Драган Ѓаконовски Шпато, Националниот Џез Оркестар и Мартин Ѓаконовски (неговиот син) ја искористија приликата сите заедно да му оддадат почит на основоположникот на Џез Музиката во Македонија.

Како солисти на концертот се појавија веќе добро познатите лидери на оркестарот, но оваа вечер ја направи уште поспецијална тоа што сите членови на оркестарот беа солисти.

Неколкуминутниот аплауз на битолската публика, по кој следеше атмосфера на плодна размена на впечатоците од ова музичко доживување, доволно говореше за успешноста на настанот, за кој слободно може да се каже дека ја спои светската со нашата музичка џез традиција, ветувајќи во иднина уште многу изненадувања во кои планетарните физички граници ќе бидат невидливи пред умешноста на НЏО да не одведе на далечни музички патувања, и светот да го донесе кај нас.

На труби настапија Трајче Велков, Сенад Усеин, Јордан Колевски, Александар Златески, на саксофони: Кирил Кузманов, Славко Ѓоргиев, Борислав Веселинов, Валентин Видовиќ, Иван Трајаноски, на тромбони: Сашко Николовски, Филип Богоевски, Енис Мехмедов, Никола Ристевски,
додека ритам секција ја сочинуваа Гордан Спасовски- пиано, Зоран Костадиновски – гитара, Виктор Филиповски – тапани, специјален гостин Мартин Ѓаконовски – контрабас.

Би можело да ве интересира

„Ние, луѓето“-премиера

Татко од Битола секојдневно си ги тепал и ги малтретирал децата

Kонцерт на Џез триото АУМ

Џез Фабрика фестивал Битола дел од светската мрежа на Арт фестивали

А1он

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега