Балканска конференција на кинематографери на ИФФК „Браќа Манаки“

Од:

Во рамки на 36. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола денеска се одржува четвртата балканска конференција на кинематографери, која е поддржана од меѓународната асоцијација ИМАГО. Кинематограферите разменија мислења за иднината на нивната професија, подобрување на стандардите и работните услови во оваа дејност, како и за тенденциите на филмската индустрија во техничка и во уметничка смисла.

Претседателот на ИМАГО Најџел Волтерс истакна дека е добра идејата да се спојат здруженијата на директори на фотографија од сите балкански земји како што ИМАГО пред 23 години  почнала како федерација на кинематографери од четири здруженија – од Франција, Германија, Италија и Велика Британија.

– Горд сум што ова е веќе четврто издание на конференцијата. Дојдовме овде зашто мислиме дека е добро да се спојат здруженијата од сите балкански земји и мислам дека во овие три години во кои се собираме воспоставивме добро разбирање и пријателство кое ќе продолжи, а овој фестивал ќе служи како платформа за целиот Балкан. Тоа ќе ви помогне да најдете начини за подобрување и надминување на проблемите, како на пример лошиот квалитет на сценаријата како главен проблем, рече Валтерс на отворањето на конференцијата.

Свои согледувања имаа двајца годинашни лауреати на „Златна камера 300“ за животно дело, кинематограферите Ришард Ленчевски и Божидар Николиќ.

– Секој ден треба да се бориме да се потенцира позицијата на кинематограферот, за нашите авторски права како работници. Кинематограферите мора да знаат за што снимаат, рече Ленчевски, прашувајќи  каде е иднината на професијата кога денес во постпродукција може се да му се додаде на филмот.

Николиќ, пак, меѓу другото, зборуваше за статусот на асистентите кои, како што рече, се во нерамноправна положба во однос на директорите на фотографија.

– Треба да го отвориме прашањето на кој начин да дојдеме до професионалци кои ќе работат на филм. Предлагам да размислуваме и да дадеме идеи, можеби да се отворат средни училишта или курсеви за асистенти на филмски снимател. Да бараме решение тие луѓе да знаат да работат и навистина да се десна рака на директорот на фотографија, рече Николиќ.

Кинематограферот Милош Спасојевиќ се осврна на околкностите во малите, национални кинематографии, кои се соочуваат со мали буџети а од нив се очекува резултат како филмот да е снимен во високоорганизирана индустрија, но заклучи дека добрата фотографија, сепак, зависи од авторот, а не од опремата, колку и да е таа супериорна.

– Од една страна технолошкиот напредок ги шири можностите за снимање, а од друга страна, ако тие можности не се употребат со јасна идеја, може да се случи да не се постигне ништо…. Она што е важно во снимателската работа е да се уважуваат одлуките на директорите на фотографија, односно тие да добијат поддршка и доверба дека е вистински изборот што го направиле, рече Спасојевиќ.

Директорот на ИФФК Димитар Николов ги поздрави учесниците на конференцијата.

–    Филмската индустрија е на еден крстопат и потребни се одлуки за развивање на овој регион, одлуки за подобро финансирање на филмовите во овој регион, а ИМАГО е една од најважните организации која може да го помогне развојот, рече Николов.

Томи Салковски рече дека во план е оваа конференција од идната година да биде пообемна и во траење од три дена, за да биде поинтересна за професионалците и да има поголем одѕив од студентите.

Би можело да ве интересира

Со премиера на „Домаќинство за почетници“ почна Фестивалот „Браќа Манаки“

Лабина Митевска е годинашна добитничка на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“

Мони Дамевски реизбран за директор на фестивалот „Браќа Манаки“

Претседателот Пендаровски ја додели наградата Златна Камера 300 за животно дело на Ентони Дод Ментл

Ана Ололовска

Златна „Камера 300“ за кинематограферот Јани-Петери Паси од Финска

А1он

Во Битола вечер се доделува златна „Камера 300“ и завршува ИФФК „Браќа Манаки“

Ана Ололовска