По разрешувањето на директорот Сашо Ристовски, актерот во „Театар комедија“, Тино Костадиновски, објави повеќе документи кои биле испраќани до ексминистерот за култура Асаф Адеми. Меѓу другото, актерите барале и внатрешна ревизија во театарот. Во еден од документите кој се однесува на промена на Управниот одбор на театарот, а кој го сочинуваат и вработените, се наведува дека Ансамблот и техничкиот персонал од театарот нема доверба во директорот, во сега разрешениот директор Ристовски.
„Неколку години укажуваме на проблемов ама никој не слуша, или се прават дека не слушаат“, напиша актерот Костадиновски.
Тој објави и реакција од актерката Тања Мицков, за кое напиша дека го поддржува и зад кое стои. Во неа пишува дека биле поднесувани петиции и апели до Министерството за култура со барања за финансиска ревизија во Театар Комедија, кои според актерите, резултирале предоцна. Во објавата се наведува дека актерката Мицкова била три години казнета и лишена од сцената поради реакциите до Министерството за култура.
Да влезеш во театар којшто е качен на пиедестал, возхвалуван, аплаудирам, горд, да влезеш како тројански коњ, и да го оставиш разрушен и обезличен и клекнат на колена… претпоставувам дека целта е постигната, за пак да се роди… Да се смачка, зграпчи и задуши едно упориште на радост, среќна зараза, сплотеност, едно упориште на бегство од тажната реалност на публиката, и на нас самите – неговите деца? Зошто само деструкција? – најверојатно е реторичко прашање.. Многу време беше потребно да ги отворите очите и отпушите ушите за да ги чуете криците на “пациентот” на којшто наместо лекарства му дававте отров.. Апелите упатени кон Министерство за култура сиве овие години, ‘петициите’ потпишувани од вработените, барањата за внатрешна финансиска контрола резултираа сега, кога ‘пациентот’ е во кома.. Лично јас бев казнета за тоа. 3 години лишена од живот на сцена, систематски и тактички деградирана.. И знам дека не сум сама и дека има уште други ‘жртви’ на другите сцени. Среќата или несреќата е што истите ние, неговите деца, сега ќе се потрудиме да го реанимираме, да го воздигнеме од пепел, потцртувам – ако ни биде дозволено“, стои во објавата на Костадинов, за која вели дека е реакција на актерката Мицова.
Во неа се наведува и дека ова е апел до Министерство за Култура да започне да ги заштитува своите институции од вакви “елементарни непогоди”, да следи будно што се случува, да започне да го слуша гласот и крикот на уметникот чијашто идеологија е да се запази достоинството на театарот.
„За поздрав е реакцијата на Министерството, иако доста задоцнета. Искрено се надевам дека Храмот (театарот) ќе си остане Храм (на истата локација), дека сите соучесници, целата консталација вмешана во ова ќе одговараат соодветно за стореното, разрешувањето е почеток, заплет имавме, кулминацијата ќе ја градиме, а очекуваме транспарентна разрешница и крај. Театар Комедија “ТИ” и “ЈА” – што би рекол еден драг колега. Да живее Театарот! п.с. Сакаме одговорност!“, се додава во објавата.
Објавата од Костадиновски е споделена и од другите актери во „Театар Комедија“, како Жарко Димоски, Столе Мицов, но и режисерирте Наташа Поплавска и Андреј Цветановски.
Инаку, Сашо Ристовски беше разрешен од функцијата поради неправилности во работењето, а како в.д. директор е поставена Нора Шаќири Марковиќ, известуваат од Министерството за култура. Ристовски по разрешувањето, не одговори на нашите повици да образложи што конкретно утврдил инспекцискиот надзор.