Актери од осум држави на фестивалот на монодрама во Битола

Од:

На годинешното 15. издание на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола, кој ќе се одржи од 24 до 28 април, ќе бидат изведени 10 монодрами со актери од осум држави, соопшти НУ Центар за култура-Битола, кој е организатор и домаќин на фестивалот.

Според Борче Димитровски, директор на битолскиот Центар за култура, годинешниот фестивал ќе биде еден од најквалитетните затоа што има извонредна понуда на монодрами кои ги избра селекторот и актер Петар Мирчевски, а тоа значи и голема конкуренција за наградата Гран-при што ќе ја додели меѓународното стручно жири предводено од актерот Мето Јовановски.

– Еден од концептите на фестивалот е да поттикнува продукција на монодрами и во таа смисла годинава на публиката ќе и биде понудена премиера на македонска монодрама. Имено, оваа година Македонскиот народен театар својата премиера на монодрамата „Приказна за пијанистот на океанот“ од Алесандро Барико со режисерот и актер Владимир Јачев, ќе ја изведе во Битола. Од домашните актери ќе настапи и Билјана Танески со самостојниот проект монодрамата „Дневникот на лудиот“ во режија на Небојша Тодоровски, истакна Димитровски.

На 15-от по ред Интернационален фестивал на монодрама во Битола ќе настапат словенечката актерка Олга Град со монодрамата „Случајот на Инга М.“, актерката од Романија Луминица Борца со „10 прашања“, од Србија доаѓа актерот Страхиња Бојовиќ со монодрамата „Посетител“, швеѓанецот Елиас Фајнгерш ќе ја изведе „Саундтракот на мојот живот“, од Украина ќе гостува Марина Куклина со „Шоша“, а од Литванија ќе се натпреварува актерот Видмантас Фијалкаускас со „Смеење во темнината“.

По прв пат селекторот на фестивалот избра монодрами на актери од Тунис и Израел. Станува збор за актерот Мехер Авахри, кој ќе ја изведе монодрамата „Сизиф“, додека Израелецот Хауард Рип ќе ја изведе монодрамата „Гимпел лудиот“.

– Во изборот на монодрами се раководев од критериумот квалитет. Монодрамата е форма каде главен акцент се става на актерот и затоа се раководев од актерското мајсторство, но не ги запоставив и другите моменти што ја прават претставата, истакна селекторот на фестивалот Мирчевски на денешната средба со новинарите во Битола.

Интернационалниот фестивал на монодрама ќе биде отворен со претставата на Македонскиот народен театар „Изгубени германци“ од Дејан Дуковски во режија на Слободан Унковски, а за време на фестивалот, надвор од конкуренција ќе бидат прикажани и претставите „Малограѓанска свадба“ во изведба на Народен театар од Охрид, претставата „Љубовникот“ на студенти од ЕСРА-Универзитетот и претставата „Женидба“ во изведба на Театар Комедија од Скопје.

– Подготвени сме да ги пречекаме сите гости од државата и странство. Верувам дека 15. издание на фестивалот ќе биде голем празник на актерската уметност и затоа како општина го поддржуваме. Битола и понатаму останува водечка општина со своите културни случувања и манифестации, рече меѓудругото градоначалникот Владимир Талески како покровител на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола.

Би можело да ве интересира

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ

Премиера на „Петар Пан“ во Струга, средствата од влезниците хуманитарно за Бојан

Ана Ололовска

По повеќе од 30 години прво гостување на македонски театар на сцената на Народниот театар во Албанија

Ана Ололовска