Ацо Шопов: „Песна над песните“

Од:

Ново, несекојдневно читање на поезијата на Ацо Шопов во светлината на неговите размисли, изјави, коментари за поезијата, за животот, за војната, за болот, за љубовта, за човештвото…

„Песна над песните“, која штотуку излезе во издание на „Сигмапрес“, претставува прв избор од поезијата на Шопов во кој неговите размисли за литературата и за општеството, како и критичките осврти кон неговото творештво се појавуваат како кратки одеци на песните. Извадоците од анализите на Димитар Митрев, Георги Старделов, Анте Поповски и други македонски толкувачи на творештвото на Шопов, сè до најмладите, како и коментарите на неговите познавачи надвор од границите на нашата земја, како што се Махмуд Хусеин (Египет), Едуар Ж. Моник (Маурициус), Марија Аурора Сааведра (Мексико), Кристина Е. Крамер и Роли Грау (САД), Ив Бержере (Франција) и други, отвараат разнострани насоки за читање на поезијата на Шопов.

Во овој избор, незборавната „Лузна“ од збирката „Небиднина“ (1963) се чита паралелно со стихови од „На Грамос“ (1950) и се доведува во дослух со детството на Шопов, како што неговите младешки творби од крајот на триесеттите години се доближуваат до подоцнежните песни од „Стихови за маката и радоста“ па сè до „Дрво на ридот“ (1980). „Сто години по раѓањето на авторот, времето во оваа книга се мери со аршините на поезијата, не на хронологијата“, забележува Јасмина Шопова во предговорот на книгата.

Во годината кога го одбележуваме јубилејот 100 години од раѓањето на македонскиот поет, „Песна над песните“ ја илустрира и докажува луцидната забелешка на Бахгат Елнади, alias Махмуд Хусеин, кој вели: „Поезијата на Ацо Шопов фасцинира со нејзината актуелност. Таа е пишувана пред неколку децении, а говори за она што се случува денес. Тоа е поезија против која времето не може ништо, зашто таа во себе носи нешто профетско. А нејзиниот автор останува наш современик“.

Вкоричени меѓу суптилниот портрет на поетот од Оља Ивањицки и ракописот на досега необјавените стихови од „Голема е твојата песна“, страниците на Песна над песните нудат една нова можност за читање и повторно откривање на творештвото на Шопов.

Објавувањето на „Песна над песните: Избор од поезијата, размислите, критиките и архивскиот материјал“ од Ацо Шопов е остварено во рамките на националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов“, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, а со поддршка од Министерството за култура и во соработка со фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“.

Книгата ќе биде промовирана, заедно со „Од онаа страна на Небиднината: разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“ од Иван Антоновски („Дијалог“) и графичкиот омнибус „Небиднина“ („Флип Бук Букс“) во Кинотека, Скопје, на 23 ноември во 19 часот.

Би можело да ве интересира

Двојазичниот избор „Златен круг на времето“ од Ацо Шопов промовиран во Љубљана

Со промоција на зборникот „Шопов на 11 јазици“ завршува 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ

Портрет на Ацо Шопов во списанието „ Ел Нуево Хералд“ во Мајами

Пендаровски покровител на „2023–Година во чест на Ацо Шопов“

,,Чествување на Ацо Шопов” во Скопската градска библиотека

Римското списание Нуови аргоменти во чест на Ацо Шопов

Ана Ололовска