Следната недела, во Охрид ќе започне јубилејната 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ).
На Школата којашто ќе трае до 2 септември ќе учествуваат шеесет странски македонисти и слависти од седумнаесет држави, коишто во Охрид доаѓаат со цврста решеност да ги продлабочат своите познавања и проучувања за македонскиот јазик, литература и култура. Пријавени се семинаристи од универзитетските центри од Австрија, Германија, Грција, Италија, Полска, Република Кореја, Романија, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешката Република.
Меѓу семинаристите се и универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи, но и нови посветеници на македонистиката коишто искажуваат подготвеност да остварат влог во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура во светот.
„Јубилејот 55 години непрекинато одржување на Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ е исклучително значаен не само за македонскиот јазик, литература и култура, туку и за нашата држава воопшто, затоа што токму на оваа Школа се изнедруваат нашите најголеми поддржувачи и културни амбасадори во светот – странски македонисти. Ние имаме историски долг кон нашите претходници коишто ги удрија темелите на оваа Школа и кон странските македонисти коишто во децениите наназад ги афирмираат македонскиот јазик, литература и култура во светот, но и обрска кон иднината и перспективите на македонистиката во времето што е пред нас, постојано да вложуваме во развивањето на оваа Школа“ – истакнува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Таа и нагласува дека МСМЈЛК при УКИМ настојувал за ова јубилејно 55. издание да конципира програма којашто ќе им овозможи нови видици на странските македонисти и ќе поттикне нови истражувачки потфати, опфаќајќи и сегменти од македонската култура коишто претходно не биле дел од програмските содржини и дека ќе се стори сè за нејзиното успешно остварување.
Мојсова-Чепишевска посочува дека интересот за Школата бил голем, според брјот на странските македонисти и слависти коишто искажале интерес за нивно учество.