На 26-ти септември, на сцената на Народниот Театар Битола како дел од придружната офф програма на фестивалот Браќа Манаки ќе се одржи полноќен концерт на филмска музика.
Настапуваат Симона Петровска- сопран, Игор Василев Новоградска на електронски инструменти и Андреј Наунов на пијано.
На програмата се композиции од музиката за филмовите: Кум на композиторот Рота, Фаринели на Хендел, Прашина на Џајковски, Мајки на Василев, Три бои: Црвено и Двојниот живот на Вероника на Преиснер итн.
Мулти – медијалната визуелна поддршка на концертот се состои од не објавувани фотографии на режисерот Милчо Манчевски.
Симона Петровска е млад оперски пејач. Дипломирала со највисоки почести cum laude на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професор Весна Гиновска Илкова. Добитник е на неколку награди на натпревари по соло – пеење и како дел од ансамбл во земјава и во странство. Покрај солистичките концерти и ангажмани учествува и во повеќе проекти надвор од класичната музика – Тиннитус оркестра, Квајат Хирошима, како и во снимање на музика за филм, реклами и сл. Веќе 5 год. е член и настапува како солист во хорот св. Злата Мегленска со кој настапува на концерти и натпревари низ целиот свет.
Игор Василев попознат како Новоградска е артист кој на македонската музичка сцена работи уште од 1993 под различни имиња и како дел од различни групи. Негови песни се наоѓаат на сите позначајни компилации со македонска алтернативна музика, а композитор е и на музика за голем број на театарски престави (“Тетовирани души”, “Сина соба”, “Дракула” итн), големиот хит со Каролина Гочева “Ајде да летаме”, како и на музиката за филмот “Мајки” на Милчо Манчевски.
Андреј Наунов, влегува во редот на истакнатите млади македонски пијанисти кои постепено го потврдуваат своето високо изведувачко реноме. Дипломирал на Факултетот за музичка уметност како прв студент во класата на професор Симон Трпчевски. Добитник е на неколку државни награди по камерна музика и пијано, како солист настапувал со Македонската филхармонија и оркестарот на МОБ, со првенците Весна Гиновска Илкова, Ана и Игор Дурловски и други и со инструменталистите Михајло Куфојанакис, Божидар Пејиќ, Климент Тодоровски.