Истражувањето во кое беше следен начинот на кој студентските домови во Скопје ги трошат парите од две ставки од кои остваруваат приход, покажа дека: (1) Студентите кои живеат во студентските домови годишно издвојуваат вкупно 40.000 евра за т.н културно забавен живот (КЗЖ) и за надоместување на (не)направена штета; (2) дека одговорните лица во студентските домови нетранспарентно ги трошат парите кои ги уплаќаат студентите и (3) дека институциите не дозволуваат пристап до финансиски извештаи за транспарентноста на оваа потрошувачка. Истражувањето покажува и (4) дека Oбвинителството не постапува по наодите на Државниот завод за ревизија, кој последните години откри низа нерегуларности во трошењето. Беше востановена и (5) сериозна законска недоследност оти ниту Законот за студентски стандард ниту пак Статутот на Државниот студентски центар – Скопје не регулираат со која основа се слеваат дел од парите во студентските домови, а не е регулирано ниту кој е должен за нивното трошење. Истражувањето на овие пари се однесува на академската 2012 – 2013 година (од септември до јуни). |
Во студентските домови во главниот град, кои се под капа на „Државниот студентски центар – Скопје“ годишно престојуваат повеќе од 4.500 студенти. Овие домови се поседувани и организирани од државата. Секоја година, оваа група студенти одделуваат по 250 денари за плаќање на она што се нарекува културно забавен живот – меѓу студентите популарно познат како КЗЖ). Улаќањето на оваа сума е услов за вселување во домот. За само овој аспект од живеењето на годишно ниво се собираат вкупно 18.500 евра. Но, како се трошат тие пари? Кој е одговорен за транспарентноста?
Законот и Советот на станари
Во рамките на секој студентски дом се формираат така наречени Совети на станари кои располагаат со парите кои студентите ги издвојуваат за плаќање културно – забавен живот на почетокот на секоја година. Парите за КЗЖ Советите ги распределуваат пропорционално во зависност од бројот на студентите кои живеат во соодветниот дом. Показател дека Советите располагаат со овие пари е извештајот на Државниот завод за ревизија.
Во 2010 година, ДЗР упати препорака да се утврди начинот на кој работат Советите на станари. Кога го објави ревизорскиот извештај за нетранспарентното трошење на парите, беа откриени многубројни нерегуларности во поглед на транспарентноста на овие организации во трошењето на парите.
По ревизијата на работата, имплементирана е препораката која се однесува на утврдување годишна програма за работа на Советите. Таа по правило треба да биде истакната во секој студентски дом, но, сепак врз неа немаат увид сите студенти. Не се знае ниту дали ДСЦ – Скопје врши контрола на работењето и финансиска евиденција.
Во 2009-та година, преку 15 илјади евра кои студентите ги уплатиле за КЗЖ се потрошени за купување алкохолни пијалоци, набавка на клима уреди и за поправки во клубовите. Во ревизијата е констатирано дека раководството и вработените во ДСЦ „Скопје“ незаконски си поделиле околу 18 и пол илјади евра врз основа на дополнителни ангажмани.
Ваквиот начин на трошење на студентските пари продолжува до ден – денес, потврдуваат извори од Државниот студентски центар – Скопје, кои објаснуваат дека евиденција за нивната намена не постои. Дали има реална потреба за купување не се знае, со оглед на тоа што претседателите на Советите носат фактури, директортката ги потпишува, одобрува пари и тука завршува целата процедура.
Анализирањето на Статутот на ДСЦ – Скопје и Законот за студентски стандард покажа дека иако Советите имаат практика да собираат пари од КЗЖ – тоа не одговара на законската рамка. Со други зборови, тие немаат законско право да собираат пари за овие активности.
Претходниот Статут на ДСЦ – Скопје беше на сила од 1999-та година до јануари оваа година. Според него, Советот предлага правила за работа, на кои согласност треба да даде Управниот одбор на домот. Воопшто не се споменува дека Советот на станари има ингеренции да раководи со средствата уплатени за КЗЖ. Во ниту еден член, тоа не е дефинирано ниту во Законот за студентски стандард, донесен во јануари 2013, а надополнет и изменет во јули. Во Законот единствено стои дека Советот на станари дава мислење за подобрување на животот и работата на студентите во домовите, соработува со директорот и со други вработени. Додека, пак, работата, бројот на членовите, начинот на изборот и организацијата на Советот на станари се утврдува со Статутот на студентскиот дом.
Транспарентност?
Дури и надвор од законската рамка, Советите во име на јавниот интерес мора да имаат отчетност за тоа каде се трошат парите кои ги собираат. Истражувањето покажа дека доа не е секогаш така. Тешко се доаѓа до информација на кој начин Советите ги трошат парите од уплатен КЗЖ, дали тие се арчат плански и дали постои финансиска евиденција за нивната намена. Многу прашања остануваат неодговорени. Зошто не постои акт или документ со кој се дефинира што точно претставува КЗЖ, има ли финансиски ред во трошењето на парите, како се распределуваат, дали претседателите даваат отчет за нивната работа?
За потребите на истражувањето се обидовме да контактираме со директорката на Државниот студентски центар Даниела Темелкова. Во текот на трите месеци истражување повеќе од десет пати побаравме средба со неа преку секретарката, при што оставивме и телефон за контакт. Темелкова не се јави. Во полза на јавниот интерес и транспарентноста за трошењето на студентските пари, Темелкова ниту еднаш не сакаше да зборува на темата, под постојани изговори на нејзината секретарка дека е зафатена или е на службен пат и не знае кога ќе се врати. Испративме Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер преку кое побаравме одлуки за платени фактури за трошење на пари од средствата уплатени за КЗЖ, како и одлуки за плаќање на влез во студентските домови. Одговор од Државниот студентски центар се’ уште нема. |
Ова е проблем за кој вработените на кое и да е ниво не сакаат јавно да зборуваат, затоа ќе мора да се задоволиме со анонимни изјави во одбрана на јавниот интерес. Извор кој повеќе години работи во администрацијата на Државниот студентски центар објаснува дека последните две години на Управен одбор се носат одлуки за висината за плаќање КЗЖ.
– Парите се наменети за реновирање на клубовите, купување пијалоци и слично, но и тоа најчесто тоа се прави од буџетот на ДСЦ. Членовите, сугерира изворот, ги делат парите меѓу себе, а дури и за просториите кои ги држат – не плаќаат ниту денар. Членовите на Советот се договараат со директортката, и нејзе и’ се дава само фактурата да ја плати. Фактурата може да биде за било што, а, да се купило нешто друго. Затоа е тешко да се најде трагата на потрошените пари – вели нашиот извор.
Побаравме од вработените во сметководство во ДСЦ – Скопје да видиме барем една фактура за што се имаат трошено пари од КЗЖ. Тие го одбија нашето барање со оправдување дека не смеат да покажуваат никакви документи без претходна согласност од директорката Темелкова. Сепак, Темелкова не успеа да најде време ниту еднаш во овие три месеци да даде отчет во трошењето на овие пари. И покрај многубројните пријавувања на портирница и целодневни чекања да поразговараме на темата, не успеавме да освариме средба.
Претседателите на Советите на станари, имаат дијаметрално различни информации кога се во прашање трошењето на пари од КЗЖ. За некои парите не се користат во интерес на студентите за приредување забави, други, пак, ги арчат за потребните работи.
Претседателот на Сојузот на студенти во „Стив Наумов“ тврди дека тие имаат поднесено програма за работа до Државниот студентски центар, а таа е усвоена од Управниот одбор. Во врска со трошењето на парите за КЗЖ, негира дека тие пари се користат за приредување забави во домовите. Тој објаснува дека парите за КЗЖ се наменети за одлебежување патрони празници, како и за тековни трошоци на Советот. Тие воопшто не се трошат за правење забави во клубовите и купување на пијалоци.
Марино Марковски, пак, кој е нов претседател на Советот на станари во „Кузман Јосифовски – Питу“ вели дека сето она што е потребно за купување – го предава документот до сметководство, од таму го разгледуваат и одобруваат.
– Јас досега немам искористено пари од КЗЖ, туку за сите потребни работи имам платено од свој џеб. Програмата за КЗЖ не вклучува само организирање забави, туку и дебати, пари за „Домијада“ како и спортски активности – вели Марковски.
Од Студентскиот парламент, во чии рамки се избираат претседателите на Советите на станари, по распишување избори од управникот на домот, негираат дека се поврзани со овие пари. Во контекст на првната рамка, претседателите не можат да располагаат со сметка, бидејќи не можат да видат правно лице.
– Тие не примаат пари од нас, па согласно тоа, не треба да даваат отчет кон Парламентот за нивната работа. За тоа единствено може да добиете одговор од Студентскиот центар – објаснуваат од Студентскиот парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
За начинот на кој функционираат клубовите во домовите прашавме и управничка во еден од студентските домови. Таа објаснува дека ниту во сметководството не би можеле да ни објаснат каде завршуваат уплатените пари од ставките кои ги истражуваме. Според изворот, одговор на прашањето не може да добиеме, бидејќи директорката Темелкова има апсолутна власт во донесувањето одлуки и не дава отчет никому и притоа врши мобинг врз вработените, по што Темелкова добила и тужба за малтретирање на работното место.
– Претседателот на Управниот одбор дава предлог да се донесе одлука за плаќање на КЗЖ, при што одлуката се донесува без да се дискутира за неа. Истата состојба е кога е во прашање и плаќањето за општа штета, парите од оваа ставка се наменети за плаќање на фактури од кои произлегуваат други трошоци, независно дали се потрошени за таа намена или не – објаснува изворот.
Која е Даниела Темелкова – директорката на ДСЦ – Скопје?
„Недопирливата“ Даниела Темелкова откако стапи на директоркската функција речиси никогаш не се појави пред јавноста со конкретна изјава. На интернет во полето за пребарување фотографии воопшто и не се појавува нејзиниот лик. За прв пат, нејзината работа беше предмет на критика токму на А1он.мк, објавувајќи сторија за организираните партиски забави на ВМРО – ДПМНЕ во студентските домови за време на локалните избори во 2013 година, за што директорката Темелкова воопшто и не излезе во јавноста да го негира случајот, а согласно законите, таа требаше да биде разрешена од функцијата.
Меѓутоа, она што и го штити грбот на Темелкова најверојатно е токму ВМРО – ДПМНЕ. Таа за појавува како донор на владејачката партија во годинешниот извештај на Државниот завод за ревизија во 2011 година.
Институциите ја префрлаат одговорноста едни на други
Државните институции или молчат – или ја префрлаат топката од свој на туѓ терен кога е во прашање темата за трошењето на студентските пари. Од Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција со месеци не откриваат дали се постапува и какви чекори се преземени по ревизорскиот извештај на ДЗР во 2010 година, кога се откри незаконска работа во поглед на финансискиот дел во работењето на ДСЦ – Скопје. Државниот просветен инспекторат, пак, кој во програмата за работа во 2012-2013-та година имаше мисија да спроведе инспекциски надзор во неколку студентски домови, не препрати одговор да побараме од Министерството за образование, бидејќи тие претставуваат само орган кој работи во склоп на министерството.
Иако Министерството за образование има ингеренции за надгледување на работата на студентските домови и од чиј буџет се црпат пари за нивно финансирање, портпаролот Давор Политов не’ упати одговор за финансиското работење да побараме од Државниот завод за ревизија.
– Средствата од КЗЖ со одлука на Советот на станари се користат исклучиво за послужување на станарите (пијалок и храна) односно забавни активности, потоа учество на спортски натпревари, како што е „Домијадата“, на која што секоја година учество земаат студентите од повеке области како фудбал, ракомет и кошарка – соопштуваат од МОН.
Двојно плаќање за културно – забавен живот?
Ако студентите одвојуваат на почетокот на годината пари за културно – забавен живот, тогаш зошто плаќаат дополнително влезница во клубовите на домовите? Влезот изнесува од 30 до 40 денари во зависност од студентскиот дом. Во студентските домови „Стив Наумов“ и „Гоце Делчев“ се наплаќа карта за влез во клубовите од 40, односно 30 денари, додека во „КЈ Питу“ студентите влегуваат бесплатно.
Од Министерството за образование, пак, излегоа со друга цена, намалувајќи ја на 20 денари. Објаснуваат дека собраните пари од влезни карти се наменети за обезбедување, опслужување и музички ангажмани. За разлика од изјавите на студентите, кои тврдат дека сите мораат да платат, портпаролот Давор Политов објаснува дека им се наплаќа само на гостите кои не живеат во домовите.
– Карта за влез од минимален износ 20 денари се наплатуваат само на студенти коишто живеат надвор од студентскиот дом – вели Политов.
И претседателот на Советот на станари на „Стив Наумов“ ни потврди дека се плаќа карта за влез. На прашањето зошто во „Стив Наумов“ се плаќа, додека во некои домови не, тој одговори дека за просторот предвиден за клуб во „КЈ Питу“ нема таква одлука, бидејќи е многу мал, а притоа и нема обезбедување.
– За влез се плаќаат само 20 денари. Со овие пари ние подоцна ги покриваме трошоците за живи свирки и обезбедување од агенција – вели тој.
Меѓутоа, претседателот на Советот на Кузман, Марковски, го негира неговиот колега по функција од „Стив Наумов“. Тој вели дека и во Кузнан постои обезбедување, но сепак не се наплаќа влез бидејќи просторот внатре е мал.
Сепак, студентите кои живеат во домовите кажуваат друга приказна. Неколкумината студенти кои ги прашавме дали во студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ има обезбедување пред врата, тие ни климнаа со глава и одговорија потврдно. Тие објаснуваат дека влезна карта плаќаат и студенти кои живеат во домовите, но и луѓето од страна.
Вакво сведоштво сподели една студентка која годинава престојува во „Кузман Јосифовски Питу“, но честопати за време на викендите, патот знаел да ја поведе на журка во „Гоце Делчев“.
– Покрај тоа што на почеток на година плаќаме за културно забавен живот по 250 денари, ние плаќаме и карти за влез во клубовите кои функционираат во рамки на домовите. Јас како студентка која веќе 3-та година престојувам во студентски дом, ги имам посетено сите. Не ми е јасно зошто некаде се плаќа, некаде не – кога сите нудат исто. Некои и не плаќаат карти за влез, бидејќи се во добри односи со членови на Советот на станари. Како и да е, честопати доаѓаме со колеги од факултет, бидејќи евтино поминуваме, добра е забавата и внатре може да се пушат цигари – објаснува таа.
Уште една студентка која веќе неколку години престојува во „Стив Наумов“, вели дека секој втор викенд го посетува клубот во домот, но е незадоволна од плаќањето карта.
– Кога некој ди-џеј пушта музика, цената на картата е 30 денари. Кога има жива свирка воопшто и не одам поради две причини: бидејќи картата е 40 денари, а се свири турбофолк музика која мнозинството од домот ја слуша, па неретко има и физички пресметки – објаснува таа.
Студентите не можат да се иселат ако не платат општа штета
Освен за КЗЖ, студентите во домовите имаашт уште една давачка која вреди да се испита. Тие не можат да се иселат без платена давачка која се нарекува “општа штета” од 300 денари при предавањето на документите. И покрај тоа што голем дел од нив не направиле никаква пакост, дури инвестирале од својот скромен буџет за реновирање на собите, сепак тие се условени да плаќаат.
Како што потенцираат извори од Државниот студентски центар, тоа е пракса секоја година. Нема отчет за собирањето и трошењето на овие преку 22 илјади евра. Според нашите извори, книга за општа штета се води на портирниците во студентските домови, но тоа се за дефекти кои студентите сами ги пријавуваат, но не мора да значи дека надлежните им излегле во пресрет, па студентите сами вршат поправки.
Студентите многу тешко доаѓаат до лицата задолжени за поправки на дефектите во домот.
– Небулозно е плаќањето за глоба која ја немаме направено. Со мојата цимерка, како и речиси сите станари во домовите, ги варосуваме и декорираме од сопствени пари, како и набавка на инвентар. Не можеме да седиме само со стол, биро и кревет во соба. Обврзани сме да плаќаме за нешто што не сме го сториле. И да е направена штета и да не е, 300 денари одат во бестрага, инаку иселувањето не е возможно. Тоа е некое правило и сите слепо го почитуваме. Никаква комисија не доаѓа на увид, а сме обврзани да ги плаќаме „трошоците“ кои ги немаме направено – реагира студентка од „КЈ Питу“.
Според член 27 од Законот за студентски стандард, студентите кои не се придржуваат кон куќниот ред и направат штета на студентскиот дом, ја надоместуваат и направената штета.
Правилникот за куќниот ред во студентските домови кои се под капата на ДСЦ – Скопје, не го почитуваат ниту оние кои го донеле. Со него се налага студентот да потпише реверс со кој студентот добива инвентар од овластено лице во домот и е обврзан да го чува. Посебната и собната штета ја утврдува комисија формирана од раководителот за сместување, а општата штета ја утврдува Управниот одбор. Надоместокот на штета за изгубениот и оштетениот инвентар во објектот се врши веднаш по пазарни цени.
Од МОН со став дека студентите не се обврзани да инвестираат во собите. Според министерството, во секој дом има станарски книги каде што се пријавуваат штетите во собите и во рок од 24 часа се отстрануваат настанатите оштетувања. Сепак, потврдуаат дека поради ваквите причини, секоја година се донесуват одлука за наплата од 300 денари.
– Средствата се користат за техничко одржување на објектите – менување на светилки, брави, чешми, кабли, штекери, огледала и друг инвентар за којшто ке се констатира дека е во неисправна состојба. Истите се уплатуваат на жиро сметката на Државниот студентски центар, од каде што потоа се распределуваат за споменатите потреби – велат од МОН.
Министерството посочува дека изминативе години, праксата покажува дека често се предизвикува штета во или надвор од собите, при иселување од соба, групна штета, при што тешко се утврдува виновникот. Според нив, тие 300 денари се минимален износ за штетите коишто се настанати при иселување, бидејки во многу ситуации студентите ги оставаат собите руинирани.
(ВИДЕО од реновирани соби на студенти)
Вселувањето во соба во некој студентски дом мора да помине преку управникот на домот. Ги поднесувате сите потребни документи кај управникот плус уплатница од платени 250 денари за КЗЖ, по што управникот ве распределува во која соба ќе живеете и ви дава клуч. При вселувањето, домарот не прави проверка во собите дали е направена некаква штета претходно и во каква состојба е собата. Доколку уште при самиот почеток студентот регистрира некој дефект, го пријавува на портирница и дури тогаш домарот доаѓа да го реши проблемот. |
Сомнителни јавни набавки кои чинат 5 пати поскапо
Според документите до кои дојдовме, јавните набавки кои ги извршил Студентскиот центар за купување производи за санација на дефекти и обновување на ентериерот во 2013-та година се дури пет пати поскапи од оние во 2012-та година. Во 2012-та година, договор е склучен со „Електрометалка комерц“, додека следната година со фирмата „Дадас“ каде цените на производите се вртоглави. Ако пред две години се купени 100 вц – шољи во висина од 165 илјади денари, а една чини 1.650 денари, во 2013-тата се купени уште 60 вц – шољи по единечна цена од 2.200 денари, за кои биле исплатени 156 илјади денари. Туш батерии еднаш се набавени по цена од 900 денари, а следната година се плаќаат дупло поскапо 2.000.денари За купување на 2 вентили се потрошени 22.500 денари, а 30-те сијалици се купени по цена од 53 денари. За термостат кој во продавница може да се најде дури за 1.000 денари е платено дури девет пати поскапо. Брави за врати се купувани по 540 денари, а метро кабел кој на тезга се наоѓа и по 100 денари – е платен 1.400 денари.
Нашите извори говорат дека вработените во сметководство имаат проблем при планирањето на буџетот, со оглед на тоа дека се прават драстични отстапки и се пазаруваат работи со, како што велат „ненормални цени“. Вработените раскажуваат дека директорката Темелкова не дозволува да се заверуваат документите ниту во архива, а таа вработила и нејзини послушници кои ги работат јавните набавки, иако се вработени со договор на дело, а дел од нив работат без соодветен сертификат.
Какви се искуствата на соседите?
За разлика од Скопје, во Белград, но и во студентските градови како Софија и Благоевград е поставена поинаква политика во однос на плаќањето штета во студентски домови. Студентот плаќа за направени прекршоци на лице место.
Наталија Милојевиќ која пред неполна година го напуштила студентскиот дом „Кошутњак“ во Белград раскажува дека во студентскиот дом е различно отколку во Скопје.
– Надоместок за општа штета не се плаќа ниту на почеток, ниту на крај на година. Се плаќа за објект кој е скршен или уништен и веќе е надвор од употреба, небитно дали е во собата или во рамките на самиот дом. Доаѓа домарот – лице задолжено за поправки и одржување на редот во домот, но и за проценка на штетата – вели Милојевиќ.
Таа надополнува дека приближната цена се кажува на лице место, веднаш по нејзиното пријавување. Ова се однесува за сите 11 домови кои се распоредени во главниот град на Србија.
Сличен Правилник за почитување на правилата во домовите е воспоставен и во бугарските Софија и Благоевград. Македонските студенти живеат во една иста соба во текот на целокупното студирање. Ако во Скопје студентите се иселуваат по завршетокот на академската година, во Бугарија се нуди можност тие да ја задржат собата, при што месечно се плаќа околу 50 евра за месец.
– Во однос на штетите немаме некој поголем проблем, бидејќи собата ја чуваме цело време. Доколку се направи некоја беља, се пријавува во службата и се плаќа веднаш – објаснува една македонска студентка.
Нејзин пријател, кој годинава треба да дипломира на Факултетот за информатички технологии во Благоевград, оддвојува 100 евра на годишно ниво за оваа ставка. Меѓутоа, овие пари ги уплаќа како залог на сметка на домот, кои на крајот на годината можат да му бидат вратени.
– Кога се вселив прва година, пред да ми да доделат собата, беше прегледана дали има некој дефект за да се отстрани. Сето она што јас го уништам, го плаќам, а притоа ми се одбиваат пари од уплатената сума. На крајот на годината, парите која останале на сметка ти ги враќаат, а постои и можност да не ги подигнеш, ако одлучиш да доплатиш онолку пари колку што ти фалат за следната година – вели тој.
Ваквата пракса кај соседите е тотално непозната во Македонија. Во студентските домови во Скопје, академските граѓаните оддвојуваат 300 денари како задолжителни пари без кои не можат легално да го напуштат домот. По оваа основа, на годишно ниво на контото на ДСЦ – Скопје легнуваат околу 22.000 евра неповратни пари.
Преку 40.000 евра студентски пари, годишно легнуваат на контото на Државниот студентски центар – Скопје за плаќање на ставките културно – забавен живот и надоместок за општа штета. Над 4.500 студенти при вселување во студентските домови плаќаат по 250 денари за КЗЖ, иако не е законски дефинирано што тоа претставува, односно по 300 денари за општа штета, иако тие од нивни џеб инвестираат во собите и не прават бељи.
Петар Клинчарски
(Истражувачката приказна е дел од дипломската работа на авторот, на Високата школа за новинарство и односи со јавноста).