Подбеласичкото село Мокриево во општина Ново Село, се подготвува за утрешната традиционална манифестација Страчинарски игри.
Во 10 часот на сред село, карневалските групи – Страчинари, во маски со рогови на глава и со стапови во рака, ѕвонци на појас ќе ги бркаат лошите духови од селото. На тој начин ќе ја возобноват старата традиција, кога страчинарите собирале суџуци, пченкарно брашно, грав и други продукти и заедно ги готвеле.
– Ние како општина сме генерален спонзор на манифестацијата. Нашата општина секако дека со негувањето на овие традиции го проширува долгиот список на културни настани, кои покрај природните убавини носат гости во регионот. Нашите намери како локална власт се да ја промовираме општината како место со содржини интересни за љубителите и на природата, и на историјата, и на етнологијата, вели Блажо Велков, градоначалник на Општина Ново Село.
Со страчинарските игри е поврзано и верувањето дека ракијата истурена во ѕвонците им помага на децата кои пелтечат.
Страчинарските игри се одржуваат на 14 јануари – Василица и со нив се одбележува почетокот на новата година во подбеласичкито крај.