Денеска во спортската арена „Филип Втори“ беа промовирани новите дресови на македонската ракометна репрезентација. Промоцијата е одржана под мотото „Со нов дрес до нови победи“, а со овие дресови „жолто-црвените“ ќе настапат на претстојното Светско првенство, кое на програмата стартува од 10 јануари во Германија и Данска.
На промоцијата присуствуваше капитенот Кире Лазаров, кој изјави дека очекува голем настан кој е многу важен за нашата селекција.
– За разлика од претходните години одиме со подмладен состав, со многу млади играчи кои што многу ветуваат, кои што се големи таленти и очекуваме во блиска иднина дека сите тие таленти ќе го понесат товарот и ќе продолжат по нашите стапки. На ова првенство ќе се обидеме да го дадеме својот максимум, а ќе видиме за што тој ќе биде доволен. Сакаме да ја усреќиме пак оваа нација“, истакна капитенот Лазаров.
Тој смета дека е неблагодарно да се прогнозира до каде може да стигнат на Мундијалот, но гарантираше дека ќе играат најдобро што можат.
– Мораме да останеме скромни, да работиме напорно без оглед на противникот и да одиме од натпревар во натпревар, почнувајќи од првиот дуел со Јапонците, додаде капитенот
Македонската репрезентација на Светското ќе игра во група со Шпанија, Хрватска, Исланд, Јапонија и Бахреин, а првиот натпревар е на 11 јануари против селекцијата на Јапонија.