Навивачот на Евертон, Вилијам Блитинг кој минатата година на натпреварот меѓу Квинс Парк Ренџерс и Евертон расистички навредувал двајца темнокожи играчи, доби забрана три години да не смее да влегува на стадионите во Англија.
41-годишниот навивач на Евертон кој навредувал еден противнички и еден играч од клубот за кој навива, бил пријавен од друг играч на Евертон кој фотографијата со непримерните гестикулации на Блитинг ги објавил на „Твитер“.
Непримерниот навивач освен забраната за влез на стадионите, доби и парична казна од судот во Лондон во висина од 2.500 фунти.
Блитинг признава дека употребувал вулгаризми, но ги отфрла обвинувањата за расизам.
– Користев вулгарни зборови, но не навредував на расистичка основа. Тоа не сум го направил никогаш во животот. Растев во заедница со многу „црни“ луѓе, а и мојата ќерка има „обоено“ момче. Сведоците кои тврдеа дека сум навредувал расно со ливерпулски дијалект лажат, затоа што јас сум од Саутемптон и не зборувам со тој нагласок, истакнува во одбраната Блитинг.
Јавноста во Англија која е многу осетлива на оваа тема со одобрување ја прими казната за непримерниот навивач.