На 22 јануари 2019 година во судницата број 19 во граѓанскиот суд во Скопје судијката Весна Калковска повторно треба да одлучува за тужбата за клевета и навреда на бегалецот Никола Груевски за изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, од 2014 година, потврдија од скопска двојка.
Ова следува откако во септември лани пет врховни судии oдлучиле позитивно за барањето за ревизија кое го поднесоа адвокатите на Заев. Со правосилна пресуда Заев беше осуден дека јавно го наклеветил експремиерот Никола Груевски за продажбата на „Македонска банка“.
„Ревизијата е уважена. Одлуките се укинати и вратени на првостепениот суд на повторно постапување и одлучување“, потврдија од Врховниот суд. Неизвесно е сепак дали ќе се одржи рочиштето на 22 јануари, затоа што Груевски избега од државата, а неговиот тогашен адвокат, Никола Додевски одамна не го застапува.
Станува збор за 2 пресуди со кои судовите потврдија дека Зоран Заев го наклеветил Никола Груевски. Со пресудата на Основниот суд Скопје 2, Заев беше требаше да му плати 50 илјади евра за клевета и навреда на Никола Груевски.
Апелационите судии Лидија Димчевска, Радица Василевска и Енвер Беџети, во правосилната пресуда потврдија дека Груевски е наклеветен, но во решението побараа да се повтори постапката само за висината на изречената казна и повторно да се преиспита колку тежи душевната болка на поранешниот премиер.
Никола Додевски, тогашниот адвокат на премиерот Груевски, го намали побарувањето од Зоран Заев од првично побараните половина милион евра на 50.000 евра, со објаснување дека парите не се мотив за поднесување на тужбата, туку да се докаже чесноста на премиерот. Потоа Груевски преку Додевски се откажа и од таа сума.
Заев во изјавата пред јавноста тогаш рече дека таткото на криминалот во Македонија не е никој друг, туку Никола Груевски и дека примил пари во кеш во износ од 1,5 милиони евра од странски бизнисмен и дека ја оштетил државата за 225 илјади евра за неплатен данок, како и дека лично ја продал „Македонска банка АД“ од Скопје на контраверзниот српски бизнисмен Јофица Стефановиќ познат како газда Нини преку четири оф-шор и две домашни компании кои што официјално поседувале 51% од акциите на банката, а биле под контрола на Никола Груевски.
Надвор од официјалната сума за продажбата, во пресудата пишува дека Заев изјавил оти Груевски договорил дополнителна сума од 1,5 милиони евра за продажбата на банката и дека таа сума му била исплатена на црно во кеш, дека се стекнал во вкупен кеш од 2,4 милиони евра од продажбата на 51% од акциите на „Македонска банка“.
За овој предмет, додека јавен обвинител беше Марко Зврлевски, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, ја отфрли кривичната пријава на СДСМ против Никола Груевски за примање поткуп и даночно затајување.
Васко Маглешов