Анонимен командос „фока“ од” американските воено-поморски сили во интервју за списанието „Ескваер“ раскажа како со три истрела во главата го убил водачот на Ал Каеда, Осама бин Ладен, во пакистанскиот град Аботабад, во мај 2011 година, соопшти ДПА.
Триесет и петгодишниот командос на елитната „Екипа 6“ на „фоките“ во интервјуто е претставен како Стрелецот. Неговото име не се споменува за да не се доведат во опасност тој и неговото семејство.
По 16 години служба во воено-пономорските сили, каде пристапил на 19-годишна возраст, денеска тој нема ниту пензија, ниту здравствено осигурување, затоа што ги нема неопходните 20 години служба во вооружените сили за да добие социјална заштита. Сега хонорарно работи како консултант.
„Фоката“ раскажува дека се се одвивало многу брзо, кога тој прв влегол во собата на Осама бин Ладен, на третиот кат од куќата. Водачот на Ал Каеда не гледал ништо во темницата, додека командосот бил со очила за ноќно гледање.
-Бин Ладен беше таму, стоеше исправено, со рацете на рамената на една жена. Ја туркаше напред, не точно кон мене, туку кон ходникот. Таа беше најмладата негова жена, Амал, раскажа тој.
Командосот истрелал два куршума и потоа уште еден во главата на најбараниот човек во светот.
-Беше мртов. Не мрдаше, објаснува „фоката“.
Тој додаде дека бил изненаден од високиот раст на Бин Ладен, посочуваат агенциите.
-Си споменувам дека го набљудував како умира и си помислив: дали е ова најдоброто нешто што сум го направил или е најлошото? .
Потоа тој го видел најмалиот син на Бин Ладен, на возраст од две или три години, кој стоел до креветот.
-Не сакав да го повредам затоа што не сум варварин. Одекнаа викотници, детето плачеше, беше во шок. Го кренав и го ставив до мајка му. Лицето му го порсклав со вода, раскажува анонимниот командос кој го убил Осама бин Ладен за списанието „Ескваер“.