Кривичниот суд го врати на доработка предлогот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за определување мерка куќен притвор за ексшефот на УБК, Сашо Мијалков, осомничен во случајот „Империја“.
Од судот велат дека предлогот за Мијалков е некомплетен и го вратиле на доуредување. Откако предлогот ќе биде коплетиран, судот ќе донесе одлука по барањето.
„Во однос на предлогот за укинување на мерка притвор и предлог за определување мерка куќен притвор со мерки за претпазливост во случајот од обвинителството означен како ‘Империја’, од страна на судија на претходна постапка е утврдено дека истиот не е компелетен и е вратен на доуредување кај најдлежниот обвинител“, информираат од кривичниот суд.
Мијалков останува единствениот од случајот „Империја“ кој е во притвор. Со одлуките на скопска Апелација сите други осомничени излегоа од притвор.
Во предметот „Империја“ истрагата опфати 13 лица. Првично притвор им беше определен на бизнисменот Јордан Камчев, неговите соработници Ненад Јосифовиќ и Зорица Арсовска, директорот на „Пелагонија“, Цветан Панделески, и директорот на фирмата „Ексико“, Тодор Мирчевски.
Васко Маглешов