Град Скопје: За една година изградени и реконструирани 14,6 километри велосипедски патеки

Од:

Градот Скопје денеска ги презентираше изградените велосипедски патеки во Скопје во текот на изминатава година и ги најави велопатеките што ќе се градат наредната година.

– Во последните 14 месеци, по доаѓањето на новата градска администрација, изградени се и реконструирани 14,6 километри велосипедски и пешачко-велосипедски патеки во вредност од 56,5 милиони денари. За прв пат се изградени велосипедски патеки на градските улици во општините Кисела Вода, Чаир, Бутел и Ѓорче Петров, а изградени се и нови велопатеки во општините Карпош, Центар и Гази Баба – рече на денешната прес-конференција портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.

„Во општината Кисела Вода се реконструирани вкупно 3,1 километар велосипедски патеки на делови од булеварот Борис Трајковски и на улицата 11.Октомври. Во општината Центар се реконструирани вкупно 2,4 километри велосипедски патеки на делови од булеварите Крсте Мисирков, Кочо Рацин, ВМРО (поранешна Маркс и Енгелс) и на улиците 11.Октомври и Свети Кирил и Методиј. Во општината Чаир се изградени вкупно 2,5 километри велосипедски патеки на делови од булеварите Христијан Тодоровски Карпош и Крсте Мисирков и на улиците Втора македонска бригада и Ферид Бајрам. Во општината Бутел се изградени вкупно 1,2 километри велосипедски патеки на делови од булеварот Христијан Тодоровски Карпош и на улицата Бутелска. Во општината Ѓорче Петров се изградени вкупно 3,3 километри велосипедски патеки на делови од булеварот Партизански одреди и на улицата Ѓорче Петров. Во општината Карпош се изградени вкупно 1,5 километри велосипедска патека на булеварот 8.Септември. Во општината Гази Баба се изградени 600 метри велосипедска патека на булеварот Киро Глигоров“ соопштија од Град Скопје.

– Скопје требаше да биде велоград во 2017 година. За жал, до 2017 година беа изградени само 60% од планираната велосипедска мрежа. За една година успеавме да изградиме дополнителни 20% со што се искачивме на 80% од мрежата потребна за поврзување на градот – нагласи Салиху.

Градот Скопје изработи и мапа за илустрација на изградените велопатеки во градот, како и за делниците што ќе се градат во наредниот период. На мапата, зелените линии ги означуваат велосипедските патеки изградени меѓу 2005 и 2017 година, сините линии ги означуваат велопатеките што се изградени во 2018 година, а испрекинатите сини линии – патеките што ќе се градат во 2019 и 2020 година.

– За само една година е изградена и реконструирана 4 пати поголема должина на велосипедски патеки од просекот во претходните години. Минатата година тоа биле 12,5 километри, а во минатото просекот бил 3,1 километар. Во 2018 година се посветивме на градењето на т.н. конектори кои ги поврзуваат главните велосипедски рути во Скопје, а го споивме со велосипедски патеки и Големиот Ринг. Ги издвојуваме конекторите на булеварот 8.Септември кој спојува 4 паралелни велопатеки, како и конекторот на булеварот Киро Глигоров кој ги спојува Автокоманда и Аеродром – објасни Никола Наумоски, раководител на Секторот за поддршка на градоначалникот.

Сите патеки се изведени во согласност со стандардите кои предвидуваат слеани рабници, заобиколување на автобуските станици, соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација и заштита со столпчиња.

– Во 2019 година планираме да го споиме и Малиот Ринг продолжувајќи да градиме и реконструираме велосипедски патеки во должина од над 16 километри. Во согласност со нашите планови со гордост можеме да најавиме дека за две години од сега Скопје ќе биде велоград со развиена велосипедска мрежа што ќе ги поврзува сите населби во градот. Развивањето на велосипедската мрежа е основен предуслов за унапредување на велосипедизмот како одржлива алтернатива на автомобилскиот транспорт. Со тоа се бориме и против сообраќајниот метеж предизвикан од прекумерната употреба на автомобилот како превозно средство во урбаните средини и против аерозагадувањето кое во еден дел е предизвикано и од употребата на нееколошки горива за автомобилите. Продолжуваме и натаму да работиме на развој на велосипедската мрежа и ги поттикнуваме граѓаните да користат велосипед како превозно средство, за да обезбедиме одржлива урбана мобилност и поквалитетна животна средина – нагласи Наумоски.

Би можело да ве интересира

Кузеска: За хаосот во Скопје најголема вина имаат Мицкоски и ДПМНЕ

Протест поради проблемите со автобускиот превоз во Скопје

(ВИДЕО) Јовановска: На народот му врие, преку глава му е од овие политички препукувања

Советот на Град Скопје побара да продолжат разговорите со Владата за нормализирање на состојбите во градот

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Јанчева: Добро е што Владата прифати една мерка на СДСМ, Советот на Скопје да ги поддржи сите три

Вонредна седница на Советот на Град Скопје: Од утре Скопје ќе има автобуски превоз