Данска планира мигрантите со полициско досие да ги испрати на ненаселен остров, каде едни ќе чекаат на депортација, а други ќе останат на неодредено време, бидејќи поради состојбата во сопствените татковини не можат да бидат вратени таму, објави Хина.
Данскиот Парламент го усвои буџетот за 2019 година, во кој е вклучен и предлогот мигрантите со казнена евиденција да се сместат на остров кој порано се користел за научни експерименти.
Планот наиде на критики кај заштитниците на човекови права, а дел од данската јавност изрази загриженост дека тоа претставува јакнење на антимиграциските ставови.
Островот Линдхолм бил користен како лабораторија за истражување на свински грип, беснило и други заразни болести и место каде биле палени заразените животни. Траектот кој сообраќа до островот се вика „Вирус“.
Данска, каде на власт е коалиција на десен центар, усвои стотина законски амандмани со кои се намалуваат правата на мигрантите. Оттаму велат дека целта за 2019 година е да им се објасни на бегалците дека во Данска можат да останат само привремено. Владата во парламентот упати и предлог за ограничување на спојувањето семејства и намалување на социјалната помош.