Претседателката на Судечкиот совет кој го води случајот за настаните од 27 април од минатата година, Добрила Кацарска на денешното рочиште изјави дека најверојатно 115-те телефонски разговори кои ги предложи обвинетиот Александар Василевски Нинџа, нема да бидат прифатени од причина што се прибавени на незаконски начин.
Пред судот исто така нема да бидат изведени и предлог доказите на обвинетиот Мунир Пепиќ бидејќи Агенцијата за разузнавање не дозволила нивно декласифицирање.
Рочиштето за 27-ми април се одложи за утре, поради тоа што адвокатот на обвинетиот Митко Чавков немал доволно време да ги среди декласифицираните докази од МВР според списокот на докази предложени до судот.
– Со оглед дека советот вложи многу напор за предметот и со оглед на тоа дека од август до денеска јас како претседател на советот со двајца стручни соработници сме на работа седум дена во неделата по 15 часа, нема да дозволам никакви игри да поминат во оваа судница за да се направи повреда во предметот. Тоа е единствената причина поради која ќе се одложи расправата. За утре ќе си ги средите доказите според листата на докази и ќе си ги читате, рече Кацарска.
Виктор Јованов