По незаборавната завршница на 2012 година со настапот во Скопје на „Таксират 14“, кој публиката го оцени како еден од најдобрите настапи на мaкедонскиот музичар и композитор Кирил Џајковски досега, тој годинава ќе настапи на убедливо најголемиот отворен фестивал во Европа, полскиот Вудсток фестивал.
Овој настап на еден од најзначајните композитори, продуценти и диџеи на балканската електросцена ќе се одржи на 4 август, третиот ден од фестивалот кој привлекува повеќе од 750.000 посетители.
Со ваквиот капацитет, Вудсток фестивал е еден од најголемите фестивали во светот, кој има 18-годишна традиција и се одржува на локацијата на поранешната полско-германска граница, Костшин над Одра во Полска. Покрај тоа, овој фестивал се издвојува и по уникатниот организациски пристап.
Организатор на фестивалот е „Great Orchestra of Christmas Charity“, најголемата и најценетата хуманитарна фондација во Полска, чија мисија е да обезбеди високо-квалитетна медицинска опрема за детските болници во Полска. За таа цел оваа хуманитарна организација успева да обезбеди дури 10 милиони евра во еден ден. Вудсток фестивалот е целосно некомерцијален, а годинава кон фестивалското мото, организаторот ја додаде и борбата за подобрување на условите за лекување на старите и изнемоштени лица.
Покрај настапот на Вудсток фестивал, во рамки на турнејата 2013, на 13 јули Кирил Џајковски ќе настапи и на годинашното издание на Похода – најголемиот музички фестивал во Словачка.