Во просториите на Агенцијата за катастар на недвижности денеска беше потпишан трипартитен договор за ЛИДАР скенирање на Република Македонија, соопштуваат од Агенцијата за катастар на недвижности.
Норвешкото Министерство за надворешни работи и Норвешката агенција за картирање финансиски ги помагаат земјите од Балканот (Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и Црна Гора) да го подобрат пристапот до ажурни географски информации и до основните регистри, за периодот од октомври 2017 до октомври 2020 година.
Преку овој проект, како што известуваат од Агенцијата за катастар на недвижности, ќе се воспостави дигитален модел на теренот на државата, но и ќе се изградат капацитети за чување и дистрибуција на тие теренски податоци во дигитална форма.
Проектот на Агенцијата за катстар на недвижности – Создавање на дигитални податоци за теренот неопходни за ублажување на ризикот од поплави, следење на поплави и за дејствување во ситуации на поплави, како и за намалување на трошоците за инфраструктурни проекти и подобрување на заштитата на животната средина и мониторингот и просторно планирање ќе биде поддржан со 7.500.000 норвешки круни.
При потпишувањето, директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Борис Тунџев, потенцираше дека дигиталниот модел на теренот на Република Македонија е основа за вршење на најразлични квалитативни и квантитативни анализи на содржината на Земјината покривка и истиот во комбинација со ортофото снимки ќе најде голема примена во катастарот, урбанизмот, земјоделието, заштитата на животната средина, кризниот менаџмент, одбраната како и за потребите на многу други институции кои користат геопросторни податоци.
-Владата на Норвешка преку Норвешката агенција за картографија, повеќе години наназад им помага на земјите од регионот на Западен Балкан во изготвувањето на географските податоци и воспоставувањето услуги со кои се обезбедува пристап до нив. Агенцијата за катастар на недвижности е партнер институцијата во Република Македонија. Главна цел на проектот е да се отпочне со воспоставување на дигитален модел на теренот за Македонија и да се изградат капацитети за чување и дистрибуција на податоци, рече Статенс Картверк, претставникот на Норвешката агенција за картографија , директор Каре Киркјиде.
Дигиталниот модел на теренот ќе го изготви „МГГП Аеро“ од Полска, а овој модел е дел од Стратегијата за националната инфраструктура на просторни податоци (НИПП) на Република Македонија, согласно европската ИНСПИРЕ Директива, се наведува во соопштението од Агенцијата за катастар на недвижности.