Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изрази задоволство од резултатите на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации во Њујорк.
Вучиќ истакна дека Србија имала можност на отворена седница да ја запознае меѓународната јавност со состојбата на Косово по воведувањето такси за српски артикли и одлуката за трансформација на безбедносните сили на Косово.
Тој истакна дека Србија ги исполнила сите обврски од Бриселскиот договор додека, како што рече, „Приштина ништо не исполни“.
Вучиќ ги повика ОН да се вклучат во дијалогот помеѓу Приштина и Белград, а на Србите од Косово им порача дека Белград ќе биде со нив.
Европската унија, преку соопштение, повторно изрази жалење поради одлуката на Владата на Косово за зголемување на царините од сто отсто на увозот од Србија и од Босна и Херцеговина, како за наметнување нецарински бариери повторно побара тие мерки веднаш да се повлечат.
ЕУ исто така посочи дека „сите постигнати спогодби во дијалогот (Белград-Приштина) мора неодложно да бидат спроведени, особено Спогодбата за асоцијација од 2015 година за општините со српско мнозинство“.
Унијата укажа дека царините на стока од Србија и од БиХ штетат на интересите на Косово и неговите граѓани, го намалуваат обемот на трговија и ја намалуваат активноста за странски инвестиции.