Единствена развојна алтернатива која и стои на располагање на Македонија како мала отворена економија е иницирање и интензивирање модерна реиндустријализација, зголемување на учеството на преработувачката индустрија во БДП преку пренасочување на ресурсите кон индустриски гранки, сектори и потсектори со поголема додадена вредност и повисоко ниво на продуктивност, порача денеска в.д. извршниот директор на Стопанската комора на Македонија, Билјана Пеева-Ѓуриќ, на годинашното Генерално собрание на Асоцијацијата на балкански комори (АБК) што се одржува во Истанбул, Турција.
Според Пеева-Ѓуриќ, неопходна е и извозна диверзификација – зголемување на бројот извозни производи кои имаат повисок степен на финализација и ниво на комплексност, пораст на бројот на извозни компании, како и зголемување на бројот земји во кои ќе се извезува.
-За да се спроведат вакви реформи, од особено значење за стопанството е расположливоста со соодветен кадар. Бројките покажуваат дека вработеноста од година во година се зголемува и од 36 проценти невработеност регистрирана во 2006 година, денеска бројот на невработени е околу 21 отсто. Најголем раст на вработувањата се во преработувачката индустрија, особено во потсекторите со повисока технолошка интензивност. Аналитички гледано, голема пропорција на невработени лица во овие 20-тина проценти се лица без или со ниска школска подготовка, за кои е потребно доквалификација и/или преквалификација со цел нивните вештини да бидат соодветни на потребите на пазарот на трудот. Тргнувајќи и од податокот дека во нашата земја стапката на невработени млади лица е многу висока, како Комора во изминатите неколку години се залагаме за спроведување реформи во образовниот систем, како и помасовно промовирање на моделот на дуално образование, бидејќи во моментов најограничувачки фактор за развој на економските активности е недостатокот на квалификуван кадар, констатира в.д. извршниот директор на Стопанската комора.
Пеева-Ѓуриќ укажа дека изземајќи ја стагнацијата од 2017 година, физичкиот волумен на индустриското производство во просек бележи раст од околу пет отсто, додека преработувачката индустрија која учествува со скоро 83 отсто во целокупното индустриско производство на земјата бележи просечен раст од околу 5,4 проценти.
-Најкарактеристично е тоа што во текот на изминатите години сѐ поголем удел и раст заземаат потсекторите со средно висока и висока технолошка интензивност на сметка на трудоинтензивните дејности. Гледано наназад, во нашиот извоз до 2010 година, доминираат производите од трудоинтензивните гранки, но веќе од 2011 година на прво место во извозот почнуваат пополека да ги заземаат првите места производите со повисока додадена вредност. Со ова, ние како економија можеме слободно да кажеме дека сме во одредена фаза, па нека биде и на почеток на реиндустриjализација, преку премин од трудоинтензивни гранки кон гранките со поголема додадена вредност и производи со поголеми компаративни предности, истакна Пеева-Ѓуриќ.
Како што соопшти Комората, на Генералното собрание на АБК во Истанбул воведен збор имаше господинот Рифат Хисарџиклиолу, претседател на Унијата на трговски комори и стоковни берзи на Турција и претседател на АБК. Тој посочи дека се потребни системски реформи во целиот регион и приспособување кон потребите на единствениот пазар бидејќи центарот на трговијата за овие простори е Европската унија.
Министерката за трговија на Турција, Рушар Пекчан, потврди дека Балканот е важна економска точка за турската економија, што се потврдува низ бројки. Меѓусебната размена на Турција со членките на Асоцијацијата на балканските комори се зголемува за девет проценти на годишно ниво.
На Генералното собрание на АБК се дебатираше и за улогата на Коморскиот инвестициски форум, за креирањето регионална платформа која има за цел да ја поддржи и да ја унапреди економската соработка меѓу земјите од Западен Балкан со силна поддршка од ЕУ согласно Берлинскиот процес.
Мандатот на претседавачот на Асоцијацијата на балканските комори е една година. Почнувајќи од 2019 година, Стопанската комора на Албанија ќе го преземе претседавањето со Асоцијацијата.